Елката се извиши на плоштад, не се знае ни кој украсува ни колку тоа ќе чини
Проблем е всушност што Арсовска не сака да биде транспарентна кон граѓаните и да ги соопшти деталите околу сумата потрошена за украсување. Тоа не го направи ниту минатата година, ниту годината пред неа, кога тврдеше дека украсувањето било направено без да се потроши денар од градската каса, а веројатно нема да го направи ни сега.
Почна новогодишното украсување на Скопје. На плоштадот е поставена висока елка, на црвена платформа врз подната фонтана, која со години не функционира. Изборот на локацијата на елката е подобар од минатата година, ако не друго барем ќе се искористи просторот над фонтаната и ќе се спречи во текот на празниците нејзино понатамошно оштетување. Поубаво отколку минатата година изгледа и елката, која лани беше предмет за шега меѓу скопјани.
Што друго ќе светне на плоштадот и по скопските улици засега не е познато. Денеска можевме да видиме дека се развлекуваат жици преку фонтаната „Воин на коњ“. Дали и таа ќе биде украсена, останува едно од „изненадувањата“, кои на граѓаните им ги подготвува градоначалничката Данела Арсовска, а досега ги чува како голема тајна.
Повторно и годинава Арсовска не споделува ниту една информација околу новогодишното украсување на градот. Нема одговор на прашањата на „Слободен печат“ која фирма украсува, кога е склучен договор и колку ќе чини украсувањето, со оглед на фактот дека на сајтот на Електронскиот систем за јавни набавки ваков тендер досега не е распишан. Од Град Скопје не споделуваат ниту дали станува збор за донација и дали таа е прифатена од Советот на Град Скопје, дури не одговараат кои делови од градот и кои улици и булевари ќе бидат украсени.
Арсовска во свој „стил“ веројатно на крајот само ќе сподели фотографии на Фејсбук како е накитен градот, а скопјани повторно ќе останат без одговор на кој начин се овозможило украсувањето на Скопје и колку пари се одлеале од буџетот.
Минатата година градоначалничката соопшти дека градот ќе се накити за 30 илјади евра, но никогаш не се дозна која беше фирмата што ги доби парите за украсување.
Скопјани во пресрет на Нова година сѐ уште живеат во сивило, се украсува само во Центар
Арсовска тврдеше дека целата процедура е законска, дека бил објавен јавен повик, но обидот да го пронајдеме тој јавен повик се покажа неуспешен, исто како и годинава, затоа што не е прикажан на веб-страницата на Град Скопје, ниту може да се најде на Бирото за јавни набавки. Притоа таа ниту еднаш не посочи кога точно и каде бил објавен. Целиот проблем е, всушност, во тоа што Арсовска не сака да биде транспарентна кон граѓаните и да ги соопшти деталите околу сумата потрошена за украсување. Тоа не го направи ниту минатата година ниту годината пред неа, кога тврдеше дека украсувањето било направено без притоа да се потроши денар од градската каса.
Украсувањето на градскиот плоштад, на главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен во согласност со актите и прописите како и сите јавни повици. Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации. Разликата сепак помеѓу овогодишното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено во изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма што ги добивала досега – соопшти минатата година Арсовска, иако такво нејзино објаснување за целата постапка околу украсувањето никаде јавно не е забележано.
По реакцијата во јавноста во случајот се вклучи Финансиската полиција, која поведе истрага околу трошоците за украсувањето. Претходно, од Основното јавното обвинителство посочија дека доколку не оформи предмет Управата за финансиска полиција, во чија надлежност е следењето како се трошат народните пари, тогаш тие ќе го сторат тоа.
И една година подоцна јавноста не доби никакви информации што утврди истрагата, а мистеријата околу тоа како Градот го украсува Скопје продолжува и оваа година.