ЕЛИТА МАКЕДОНИКА И САРМА СО КИСЕЛ КУПУС

агим јонуз

Што е тоа ‘‘елита‘‘? Кој е критериумот и како се станува ‘‘елита‘‘? Дали секој вошкар што ставил машна е елита? Дали секој еден што има да плати цех у кафана и да залепи сто евра на ‘‘чалгиите‘‘ е елита? Дали секој еден на кого му се лепи ‘‘овој – оној‘‘ да се изгребе нешто оти пропаднал е елита? Дали секој ропак што го гласале у Свирипичино и станал ‘‘народни посланик‘‘ е елита? Дали секој што изтртомудил три збора во јавноста е елита? Што е интелектуалец? Што е ‘’висока калимера‘‘? Што е тоа ‘‘лик‘‘? Што е тоа ‘‘еее знаеш кој е овој‘‘? Ааааа?…

Е, знам! Да! Како да не го знам!? Да не беше он ја не знам на кого ќе се угледавме.

Ооооп! Зајеб! На кого се угледуваме? Па, секако на оние кои направиле пари. Како!? Е, сеа како ептен многу прашуваш. Битно чоекот е пун ко брод. Ама, имал жолти заби, смрдел на кромидојна! А бе дај не збори, тоа само од љубомора си збориме. Кромид си е кромид, елита си е елита. Што не те викаат тебе на приеми, прослави, на ова она. Оти си голтар и оти од тебе нема ни еден ‘‘аир‘‘. Кому му требаш ти? Ни на жена ти не и требаш клошар ни еден. Иди тамо у кладилница и глеј што направил Јувентус.

Како смееш така да се однесуваш со мене! Јас сум професор! Имам издадено 12 книги!

Браво!…. ( и тука завршува цел пасус анализи… “wink,.. wink,..”).

А бе сериозен сум. Однесувај се со мене со должна почит. Јас сум описменил генерации!

Браво!….. (и пак тука завршува цел пасус со анализи…) – ‘‘ у смислу шетај, бе‘‘!

Срам да ти е. Имаш ли ти систем на вреднување на луѓе? Знаеш ли ти и дека сликам!

Браво!,…. ( па завршен пасус пред време) ‘‘у смисла – сликај се бре‘‘!

Ама, јас имам и две деца доктори на науки. Јес дека не се вработени, ама..

Браво за нив!,… ‘‘у смисла дај не тупи стари, дегутантно е. Ги има колку сакаш.

И ТУКА МИ ПУКНА ФИЛМОТ! Му викам ај сеа слушни ја вистината што ја знаеш ама против која не можеш ништо. Знам дека боли, ама ете, да си напрајме муабет.

Јас те почитувам затоа што и припаѓам на генерација која има искристализирано што е тоа систем на вредности. Затоа што вредностите базирани и имплементирани на десетте божји заповеди како основен темел на хуманото постоење е длабоко всадено преку нешто што се нарекува домашно воспитување, здрава едукација и негување на етика. У кој свет живееш? Тебе ли да ти цртам кој си ме описменил дека она твое ‘‘деца, земете учете и ширете знаење и добро дело‘‘ више не е у игра одамна. Дека ‘‘не кради, не лажи, не посакувај туѓо, не суди‘‘ ти е одамна ‘‘отсвирано‘‘.  Не си интересен више бе стари, некомерционален си. ‘Што ќар имам ја од тебе да трошам време овде да ти објашњаам?

Стариот си ја наведна главата. Да! Ми помина животот, јас не станав ‘‘елита‘‘. Да бев ‘‘Јелена Карлеуша‘‘ друг муабет ќе ми праеше. Не Боки! Не би ми личело на стар чоек.

И така, после куртоазно ‘‘драго ми е што се видовме‘‘ си продолжив и си праам муабет сам со себе. Ајде вака. Реалната елита, буржоазија, носителите на вистинските, квалитетните цивилизициски елементи се загушени уште по ослободување. Биле капиталистички, против народни, вакви-такви. Колку ли ќе беше поинаку денес да имавме сеуште традиција во која одредени општествени, социјални и фамилијарни гиганти ќе беа столб на општественото небо на ‘‘високата калимера‘‘?

Иако е се ‘‘Copy – Paste‘‘ на Балканот, си размишљам онака за Македонија.

Што е елита у Македонија (Северна, западна од источната)? Ало бе! Кој стана богат, славен, јавен, онака ‘‘знаеш ли кој сум јас‘‘ елемент! Тој што имаше ‘‘петља‘‘ да краде, манипулира, да прави дубари и превари, да се меша и кај што му е место и кај што не му е? Оној што денеска ти продава поштење тебе бре професоре, кој нема пари да си купи антибиотици без рецепт.

Во постсоцијалистичка Македонија, преку ноќ се појавија тајкуни, мајкуни, политичари, кокети и брускети, ослободители и исцелувачи на непатриотско зло, на ‘‘ја го претстављам народот‘‘ светци кои во најмала рака транспаренто во стилот на ‘‘Black Eder “ (Црни Гуја) го дриблаа “Bоldricк” (читај народот), си ги лижат прстите од масното месо фрлајќи му коска на народот за да ‘‘не сере много‘‘ ( с‘ опроштење‘‘).

Сите можни критериуми за реален и квалитетен елитизам се однесени со виорот на малограѓанската клаузула која вели ‘‘денес мене ми е времето, а за утре – утре‘‘. Создадовме квази вредности, ликови кои се псевдо херои, куртизани кои продаваат морал, политичари кои мислат дека се богови, богаташи кои не го вадат Бога од уста колнејќи се во чесност.

Лајонски, Ротаријанци, Масони кои во своите сеанси се пребројаваат по системот ‘‘има ли некоја мајка да изгубила дете да го земеме‘‘. 90% залутани во време и простор. Хуманитарци, организации кои функционираат по системот ‘‘пола пијем пола Шарцу дајем‘‘. Социјални организации во кои социјалата е ‘‘роба‘‘, а не светост. Медиуми кои клонираат ‘‘Минхаузени‘‘. Политичари на кои ‘‘мајката земја‘‘ им е тезга на која продаваат криви краставици. На институции кои се ‘‘Бит Пазар‘‘. На,.. На,…на….!

КОГО ДА СЛЕДАТ КАКО ИДОЛ НАШИТЕ ДЕЦА? ( Да,… Боки веројатно) …

Што ли ќе пишува во читанките по историја за 30 – 40 години….а тек за 100?!?

Еве што! ‘‘И така, со огромни маки, само пожртвување и крвава борба,.. ја градевме Македонија‘‘.

Детеееее…. дај една љута овој пат! Да! Гола! Дупла!.. да не заплачам.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот