Елези: Вработеноста ќе расте, просечната плата повисока за 5% годинава

Вработеноста ќе продолжи да расте годинава, додека растот на просечната нето-плата се очекува да биде околу 5%, се проекциите на Министерството за финансии.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези образлагајќи ја Завршната сметка за 2018 во Собрание, рече дека поволните економски движења од минатата година, продолжиле засилено годинава, па се очекуваат и подобри економски резултати.

Елези рече дека во 2018 година бруто-домашниот производ забележал забрзан раст од 2,7%, што е многу блиску до проекцијата на Министерството за финансии од 2,8%.

– За споредба, есенските проекции на другите релевантни институции се движеа меѓу 1,6% и 2,5%. Ова е јасна потврда за зајакнатиот капацитет и посветеност на Министерството за финансии. Имено, кредибилноста на економските проекции е клучна за кредибилно дизајнирање на Буџетот, а со тоа и кредибилно водење на фискалната политика – рече Елези.

Заменик министерката посочи дека растот на економската активност во 2018 година е резултат на зголемената потрошувачка и на позитивниот придонес на нето-извозот врз економскиот раст. Таа посочи и дека бројот на вработени во 2018 година се зголемил за 18,4 илјади лица споредено со 2017 година.

За извршувањето на Буџетот во 2018, заменик министерката рече дека реализацијата на приходите биле согласно очекувањата, додека расходите се извршувале редовно и навремено.

– Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија се реализираа во износ од 188,5 милијарди денари и истите се наменија за финансирање на расходите реализирани во износ од 200,1 милијарди денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 11,5 милијарди денари, при што истиот бележи помала реализација во однос на планираниот за 6,5 милијарди денари и е реализиран на ниво од 1,8% од БДП – рече Елези.

Таа рече дека финансирањето на буџетскиот дефицит и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надворешниот долг во 2018, беше обезбедено преку еврообврзница и поволни кредити и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и државни хартии од вредност.

Истовремено отплатени се обврски по основ на главница во износ од 28,12 милијарди денари и 7,699 милијарди денари по основ на каматни плаќања, меѓу кои и PBG 2 заемот од Светска банка од 2013 година од 95 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот