Ел Паис за Македонија: Загадувањето и загрозеното природно и културно наследство се загрижувачки

Загаден воздух во Скопје
Загаден воздух во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Оваа земја со зелени планини и моќни реки страда од ефектите на агресивен развој поттикнат од градежна експанзија. Законите за заштита, во многу случаи, не се имплементирани. И како резултат на тоа, Скопје е еден од најзагадените главни градови во светот, се вели во репортажата за Македонија која вчера ја објави најтиражниот шпанскиот весник Ел Паис.

Во Северна Македонија коегзистенцијата помеѓу човекот и природата се распаѓа. Младата Република стана позната, освен по успесите во ракометот, и по тоа што има престолнина со најголемо аерозагадување во Европа, како резултат на агресивниот општествен развој. Ова е заеднички проблем на многу балкански држави, каде законите за заштита на природата ретко се применуваат, а понекогаш и бескрупулозно се прекршуваат, пишува шпанскиот дневен весник.

Власта не ги исполнува своите ветувања, имаат само изговори, вели Ели Пешева од граѓанското еколошко здружение О2, и оправдувања е дека е спор процесот на промени во заштитата на животната средина. Претходната власт носеше закони кои се штетни за природата, а новата ова го користеше во предизборната кампања, но потоа не мрдна со мал прст нешто да смени.  Трајче Стафилов, научник од Институтот за хемија на државниот универзитет Свети Кирил и Методиј потсетува на случајот со велешката Топилница и нејзиното долгогодишно негативно влијание врз животната средина, врз храната и здравјето на луѓето и на тоа дека е крајно време државата, која од своето осамостојување ги занемарувала проблемите со одржливиот развој, да превземе мерки.

Воздухот во Скопје

Според светската здравствена Организација околу осум милиони луѓе годишно умираат од последици на загаден воздух, кој во себе содржи течни или цврсти микро-честички со големина од 10 и од 2,5 милиметри. Тие се само дел од многуте отровни супстанци кои се вдишуваат и негативно влијаат на респираторниот систем и на когнитивните способности на човекот.

Според Пешева, помеѓу 2012 и 2019 година од аеро-загадувањето починале околу 25 илјади луѓе во Македонија, земја која има едвај два милиона жители. Балканските градови, поради недоволен развој, имаат тројно повисоки просечни вредности од оние препорачани како гранични од страна на СЗО (а тоа се 10 мг/м3). Во текот на зимата, состојбата се влошува, има денови кога вредностите надминуваат 200 микрограма на кубен метар. Иако се смета дека главен извор на загадувањето е  согорувањето на фосилни горива и горењето дрвна маса, екологистите потсетуваат на пикови на загадување и во летните месеци, за кои не е виновно загревањето. Но, иако на гасификацијата се гледа како спасоносно решение, дел од екологистите смета дека е тоа погрешно. Освен што се работи за фосилно гориво, во земјата има преку 280 сончеви денови, а сонцето речиси и да не се користи за производство на енергија, вели Драгана Велкова, прв еко-активист член на советот на локалната самоуправа во Скопје.

Бисерот на УНЕСКО во опасност

Аерозагадувањето е само еден од многуте проблеми со животната средина со кои се соочува Северна Македонија. Ел Паис се осврнува и на уништувањето на шумите поради неконтролираната сеча за огревно дрво и поради градежната експанзија. И главниот град, Скопје изгубило добар дел од своето зеленило и веќе има дупло помалку од она што с препорачува на ниво на ЕУ, потсетува весникот. Парковите, како и Водно се загрозени од градежната експанзија. Токму Водно, со начинот на кој е осмислена неговата заштита е во опасност да изгуби и до 40 проценти од својата територија бидејќи е оставена можноста тој простор да се урбанизира и да се легализираат дивоградбите. Денес Водно е и прибежиште на Скопјани од загаденоста на градските улици, но истовремено и посакувано луксузно место за градење згради и за живеење.

Охрид, скапоцен камен на УНЕСКО уште од 1979 година веќе неколку години е на чекор да биде прогласен за светско наследство во опасност, пишува понатаму Ел Паис во репортажата за Македонија. Во овој регионо особено се чувствува кризата предизвикана со нелегалните градби притисокот на туризмот. Од Министерството за животна средина информираат дека почнале со изготвување на инвентар на дивоградби и дека локалната самоуправат мора да направи проценка на потенцијалното влијание за да се одлучи кои објекти можат да бидат легализирани, а кои треба да се уриваат. Оттаму објаснуваат дека тој процес е во подготовка, дека е потребно време и дека се бројни административните процедури и дека се сериозни финансиските импликации, но велат дека ќе треба да се уриваат сите градби кои не се во склад со Планот за управување.

Во Струга, многу од новоизградените станбени згради се на помалку од 100 метри од брегот на езерото. Повеќето објекти се нелегални и се легализираат според постојни закони за легализација на бесправна градба. Од струшката локална самоуправа се правдаат дека објектите покрај езерото не можат да ги уриваат бидејќи имаат валидни договори. Но, од граѓанското еколошко здружение, Охрид СОС потсетуваат дека, според важечки закони, сите градби кои се на помалку од 50 метри од брегот се нелегални и можат да се урнат. Проблем е што претходната власт ги има сменето законите за градба и по 20 до 30 пати што укажува на корупција. Северна Македонија е рангирана на 111-то место на Индексот за корупција на Транспаренси Интернешенел, потсетува шпанскиот неделник.

Освен прекумерната урбанизација, Охрид и езерото страдаат од прекумерното загадување на водата со канализацијата која се влева во него, со што е загрозен опстанокот на преку 200 ендемични вида кои живеат во Охридското езеро. Иако одговорните институции тврдат дека превземаат мерки за подобрување на состојбата, доколку нема план за да и се застане на пат на агресивната градежна експанзија, и Охрид, како и целата држава, се во опасност, заклучува Ел Паис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот