Ел Чека го чека затвор до 5 години

Основното јавно обвинителство од Кичево вчера поднесе обвинение против лицето Ш. А. познат како Ел Чека за објавување прислушувани разговори на социјалната мрежа Фејсбук. Кичевското обвинителство ќе го гони Ел Чека по член 151 од Кривичниот законик, кој се однесува на неовластено прислушување и тонско снимање. Од Јавното обвинителство сметаат дека има елементи за гонење според овој, а не според Законот за заштита на приватноста, со кој е дозволено да се објавуваат прислушувани разговори доколку нивната содржина е од интерес на јавноста.

Кичевецот Ш.А. кој е по потекло од селото Туин, а живее во САД, веќе цел месец од повеќе профили на Фејсбук објавува снимени прислушувани телефонски разговори, т.н. „бомби“, на кои според него, но и според опозициските албански партии, се слуша за злоупотреба на службената должност од функционери на ДУИ. Според него, „бомбите“ му се од т.н. „кумановска група“ која е во затвор за терористичкиот напад во Диво Насеље во 2015 година и бара да се изврши меѓународна истрага за овој настан.

Затвор од една до пет години

Јавното обвинителство соопшти дека Основното јавно обвинителство Кичево поднесе Обвинителен предлог против лице кое сторило продолжено кривично дело – неовластено прислушување и тонско снимање по член 151 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– Обвинетиот при крајот на мај годинава, од профил на една социјална мрежа, претставувајќи се како „El Cheka“, објавил тонски снимени прислушувани телефонски разговори на повеќе лица. Со тоа обвинетиот им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и на други неповикани лица да се запознаат со содржината на тонски снимените разговори. Во последно време зачестена е појавата на објавување неовластено прислушувани и снимени разговори. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија укажува дека секое објавување на неовластено прислушувани разговори е кривично дело според член 151 став 2 од Кривичниот законик, во кој е пропишана казна затвор од една до пет години за секој што „ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана“. Овие појави Јавното обвинителство ги следи внимателно и ќе постапи според своите надлежности – се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

„Слободен печат“ го праша Обвинителството дали ја истражува и содржината на прислушуваните материјали што ги објавува Ел Чека, како што бара Алијансата на Албанците, затоа што според нив и според самиот објавувач на „бомбите“, во нив има индиции за сериозен криминал што го сториле високи функционери на ДУИ.
– Во врска со содржината на објавените снимки, Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени елементи на сторено кривично дело – одговорија од ОЈО.

Ел Чека уште „бомбардира“

На прашањето зошто Ш.А. се гони според член 151 од Кривичниот законик за неовластено прислушување и тонско снимање, кога на сила е и Законот за заштита на приватноста, донесен во врска со материјалите што произлегуваат од незаконско следење на комуникациите извршено во периодот од 2008 до 2015 година одговорија:

– Во конкретниот предмет против лицето што ги објавува снимките, Основното јавно обвинителство Кичево ценеше дека има елементи на кривично дело и затоа поднесе обвинение, применувајќи ги одредбите од Кривичниот законик. Дали се исполнети елементите на тоа кривично дело ќе цени судот во законита постапка – велат од Јавното обвинителство.

Според член 4 став 1 од Законот за заштита на приватноста, тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана, ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава што претставува јавен интерес. Според член 5, при примената на овој закон надлежниот суд е должен да ја почитува Европската конвенција за човековите слободи и права и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Во меѓувреме Ел Чека постојано објавува нови прислушувани разговори помеѓу функционери на ДУИ, но и „бомби“ што веќе ги објави актуелниот премиер Зоран Заев додека беше во опозиција и на кои се слушаат функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Завчера семејството на Ел Чека и десетици приврзаници одржаа протести во Тетово, бидејќи, како што рекоа, таму е ДУИ.

– Протестот го почнавме во Тетово, бидејќи овде е седиштето на партијата ДУИ од каде се даваат наредби за убиства, затворање, монтирани случаи и друго против правата на Албанците на Илирида. Во последно време гледаме видео снимки на кои се слушаат гласови на лидерите на партијата ДУИ, со нивните партиски колеги, кои го навредуваат и пцујат албанскиот народ на варварски начин – порача пред медиумите на протестот Блерим Ахмеди, братот на објавувачот на „бомбите“ за ДУИ.

Најчевска: Примитивизмот и некултурата не се кривични дела

Професорката Мирјана Најчевска смета дека Ел Чека нема право да ги објавува „бомбите“ на социјалните мрежи, туку прво требало да ги достави до Јавното обвинителство.

– Доколку ЈО во разумен рок не поведе постапка врз основа на понудените снимки, јавниот интерес се штити со обзнанување на нивното постоење во јавноста. Голем дел од снимките немаат ни директна ни индиректна врска со сторени кривични дела, туку претставуваат дискредитација на конкретни личности врз основа на нивно примитивно и некултурно однесување. Примитивизмот и некултурата не се кривични дела. Недовербата во институциите е огромна, меѓутоа само со постојано потсетување на нивната улога може да излеземе од затворениот круг на институционална неодговорност – вели Најчевска за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот