„Експрес лонецот“ на македонските скандали

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Се молат сите кои поседуваат папки со уредно документирани тешки политички и криминални афери и скандали, како од СДСМ (власт) и од ВМРО-ДПМНЕ (опозиција), така и од ДУИ (власт и опозиција, истовремено), веднаш да ги достават на увид во јавноста, преку медиуми по свој избор.

Не е фер сите да шетаат наоколу и да се закануваат на разни страни дека „само да се распишат избори, па ќе видите што ќе ви направиме!“… Дајте, направете!

Оваа молба важи и за сите новинари и друг вид на „инфлуенсери“, како и за оние кои мислат дека се тоа, а кои со недели се закануваат дека „после празниците“ (!?) ќе активирале вакви или онакви аферџиски „медиумски експлозивни направи“ (скратено: „бомби“), да не чекаат, туку веднаш да објават сè што имаат, бидејќи, повторно, не е фер да нè држат во ваква ужасна, празнична, мелодраматична неизвесност – „Знаеш како се држи будала во неизвесност?“… „Не знам“… „Ќе ти кажам по празниците“… Јавен интерес е тие афери да се објават веднаш, поинаку е сомнително политикантство.

Доколку некој од оние кои поседуваат вакви папки (со снимки, со документи, со сведоштва итн.), а се плашат самите да го сторат тоа (што може да биде сосема разбирливо), постојат, во принцип, два начини како да се избегне личниот ризик: или, анонимно, таквите папки да ги испратат до надлежни институции (Обвинителство, МВР, ДКСК и сл.); или, анонимно, да ги испратат до повеќе медиуми истовремено; а може, најубаво, и комбинација од институции и од медиуми! На тој начин, никој нема да може да ја забошоти аферата, а да не стане дел од неа.

Не е случајно што луѓето се подготвени да се степаат и за дебата на локален ДУП. Ако тоа не е партиско-политички инспирирано, како што веднаш сугерираа некои, тогаш е поразително на едно повисоко ниво. Намерно да се одржува оваа атмосфера во која никој никому ништо не му верува, за политичките партии и партиските функционери може да е прашање на политичка „стратегија“ за останување или повторно освојување на власта, но тоа се претвори во општествена состојба на конфликт на секој со секого. Сè е афера, сè е скандал, од паркирање на улица, до приватен или државен работен ангажман, од упис на дете во градинка, до купување лек во аптека…

Одамна ја поминавме границата кога безмилосните меѓусебни пресметки на Фејсбук се пренесоа, заедно со ужасно простачкиот речник на асоцијалните мрежи, и во официјалната јавна сфера.

Може ваквиот предлог да се отпише и како „лажно морализирање“, „политичка наивност“, „двоен стандард“ и сл. Но, навистина не знам како од експлозијата на овој „експрес-лонец“ ќе излезе нешто добро, макар и да победи „нашата“ опција на изборите?

А, за оние кои создаваат и чуваат вакви скандалозни папки, немојте да се залажувате дека планот и ефектите од нивното објавување ќе излезат така како што нивните објавувачи ги замислиле. Тоа никогаш не е така. Еднаш објавени, аферите си имаат свој „живот“ и „смрт“ што никогаш, до крај, не можат да се предвидат. А потоа е доцна за каење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот