Експратеничката на ДПА Мерал Узеири-Ферати во министерскиот тим на Таравари
Експратеничката на ДПА Мерал Узеири-Ферати и официјално стана дел од тимот на министерот за здравство Арбен Таравари.
Информацијата дека поранешната пратеничка на ДПА е ангажирана во Министерството за здравство ја објави Таравари.
-Со д-р Мерал Ферати, која од денес се приклучува на нашиот тим кај министерот за здравство- напиша на Фејсбук министерот.
Расколот во Алијанса за Албанците и поделбата на партијата на поддржувачи на Таравари и на подржувачи на Зијадин Села пред повеќе од половина година ги засегна и експратениците и поранешни сопартијци од ДПА на Мендух Тачи.
Тогаш Мерал Узаири Ферати, Беким Фазлиу, Газменд Алии и Орхан Ибраими застанаа зад Таравари. Тие на средба му дале морална поддршка како на поранешен сопартиец, откако во дворот на Таравари некој оставил неиспукан куршум.
– Ние сме од изворната ДПА и ја поддржуваме опозицијата. Дали ќе му се приклучиме на Таравари или ќе дејствуваме партнерски, ќе решиме дополнително. Можно е целата поранешна структура на ДПА да застане зад Таравари бидејќи е опозициски настроена и е против актуелната власт – ни изјави тогаш Узаири Ферати.
За средбата на експратениците на ДПА со Таравари, тогаш на Фејсбук објави Беким Фазлиу.
Узаири Ферати во два мандата беше пратеничка од ДПА.