Експлицитна содржина

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Најпаметно им е веднаш да ја „абортираат“ идејата, да го повлечат предлогот за внесување етничка припадност во личните карти и целата енергија да ја насочат кон смислување добро оправдание зошто го прават тоа.

Просто е жално да се гледа како нашата власт се заплетка во овој тривијален проблем со личните карти што сама си го замеси. Јавноста, посебно нејзиниот подемократски дел, со право се згрози кога премиерот Заев од „нигде никаде“ ја „израдува“ дека во личните карти, кога ќе се менуваат (а ќе се менуваат за во нив да се внесе новото „ерга омнес“ име на државата) ќе содржат и графа со „експлицитна содржина“ – етничка припадност на граѓанинот!

Мислечки луѓе, интелектуалци, професори, невладини активисти, предлогот веднаш го дочекаа на нож. Изнаредија дузина аргументи зошто тој е лош, да спомнеме само некои: носи ризик од дискриминација, етнички ги мобилизира и ги дистанцира граѓаните, води кон поделби, ги принудува тие со мешан етнички идентитет да носат непријатни одлуки, ги исклучува заедниците ненаведени во Уставот итн.

Но, предлагачите си останаа на своето, а сите поголеми партии најавија дека ќе гласаат за предлогот, секој од свои есапи. Ова само по себе е сомнително – таква согласност кај нас не е видена за нешто паметно или суштинско, ама еве за ваква будалштина се роди неговото величество консензус! Остро се спротивставија само Демократскиот сојуз, коалициски партнер на СДСМ, и опозициската Левица. Левица дури си направи и нов „филибастеринг“ и побара јавна расправа, намирисувајќи „бришан простор“ за критика.

Работата уште се влоши кога и шефот на државата се изјасни дека предлогот е лош, но не отиде принципиелно до крај да каже дека таков закон не би потпишал, туку си призна дека, ако партиите го изгласаат, ќе мора да го потпише. Дури и таква, пораката беше силна.

Капак на сè беше изјавата од европскиот амбасадор во Скопје, Дејвид Гир, според кого не само што не е паметно, европски или демократски, да се наведува етничка припадност во лична карта (исто како и верска или расна), туку нѐ информираше од прва рака дека од август годинава тоа и официјално ќе биде забрането за земјите членки на ЕУ, а истото, нормално, ќе се бара од земјите кандидатки! Туше!

И сега, за предлагачите ситуацијата е, што би се рекло, угоре високо – удолу длабоко. Ако се повлечат, ќе испаднат поразени, БЕСА ќе биде „оштетена“, а Заев „неисполнителен“. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ќе ликуваат дека било точно нивното (папагалско) тврдење дека „Заев бега од терминот Македонци“ или дека „Левица одработува за Заев“ и слични небулози. Сè сами автоголови за СДСМ.

Од друга страна, ако се инаетат и го туркаат предлогот, наспроти сиот отпор во јавноста и овие тврди пораки од ЕУ, ќе испадне дека се несериозни во поглед на евроинтеграциите. Дека изјавите за хармонизација на нашето законодавство со европското не вредат пет пари. Ако утре, по некое чудо дотуркаат до такви поглавја во преговорите со ЕУ, ќе мора тој закон повторно да го менуваат, а скраја било, да ги менуваат и „етнифицираните“ лични карти, ако во некое крајно инаетење и ги направат. Сè зијан до зијан!

Најпаметно им е веднаш да ја „абортираат“ идејата, да го повлечат предлогот и целата енергија да ја насочат кон смислување добро оправдание зошто го прават тоа. Што знам, нека речат дека главен мотив на БЕСА бил да не се злоупотребуваат рамковните вработувања со лажење за етничката припадност, што е честа појава, и дека сега со пописот тоа ќе се „среди“. Кој лаже дека е Албанец или Ром само за да „лапне“ рамковно вработување, ќе биде откриен и ќе одговара, па затоа нема потреба етничката припадност да ја има во лична карта. Ние, може да им помогнеме со тоа што ќе се правиме дека објаснувањето е добро, дури и да не е.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот