„Експерти“ за протокол: плукни-залепи!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Сите оние што 24 Мај го сфаќаат само како уште еден празник кога не се оди на работа, за жал ќе продолжат да се „дават“ во своето незнаење, во своите фрустрации и единственото задоволство да го наоѓаат во „плукањето“ по сѐ што е наше и што сме ние самите – од обични луѓе до политичари, спортисти, пејачи…

Многу врева се крена во јавноста по посетата на премиерот Димитар Ковачевски на Рим и Ватикан, каде ја предводеше државната делегација на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј. Тој таму, наместо со сопругата, престојуваше во придружба на својата ќерка Тамара.

И, како што е редот, добрите „познавачи“ на сите состојби и случувања во државава од здравство, па до висока политика, а најмногу на протоколи (кои од протокол единствено буквите во зборот ги препознаваат) се разџавкаа на социјалните мрежи како гладни кучиња – на што личело тоа да си го шета детето во Рим, па уште да го носи на аудиенција кај папата. Па непотизам било, па злоупотреба на функцијата, па зошто девојката била во црно облечена како на погреб да оди и сѐ така големи зборови и уште поголеми „мудрости“.

И знам сега дека дел од тие дежурните за коментирање по социјалните мрежи ќе ме обвинат за „платеничко, сатанистичко шурување со власта“, ама ете додека чекам, како што велат, „Господ да ми суди“, би ги замолила сите оние на кои негирањето на сѐ и сешто им е лек за душата, малку повеќе да се информираат пред да се истрчаат со зборови.

Посетата на премиерот во придружба на својата ќерка е во рамките на протоколот и не е нешто невообичаено, ниту станува збор за било каква злоупотреба. Од Академијата за протокол се обидоа да објаснат дека има „бројни примери кога членови на семејство на еден државник (сопружници, деца, родители, близок род) учествувале во официјални посети, настани или во аудиенции или ја имале улогата на домаќини. Ова се прави во случаи кога државникот нема сопружник или тој е спречен да ја преземе улогата која му е доделена, па носителот на функцијата покажува чест со тоа што е придружуван со член од семејството“.  Ама кој да чита. И кој да се „замара“ да научи нешто ново.

Што се однесува до црната облека на Тамара Ковачевска, таа е целосно според ватиканскиот кодекс на облекување. Според протоколот на Ватикан, жените при средба со папата треба да носат свечена црна облека, долги ракави и црн превез што ја покрива главата. Фустанот не треба да биде деколтиран, мора да ги покрива рамената, а здолништето колената. За оние што не знаат, во римокатоличката традиција црниот фустан е симбол на вредности какви што се побожност и понизност. Затоа и речиси сите светски државници и државнички на прием кај папата се во црна облека. Во знак на почит. Па така и младата Тамара, за која и оние помалку упатените требаше барем да претпостават, ако веќе не знаат, дека сигурно следела некаков официјален протокол, затоа што инаку веројатно нејзиниот избор, токму поради младоста, не би бил да се „зацрни“.

Пред два дена сите го одбележавме Денот на сесловенските просветители. Размисли ли некој колку сме писмени, колку сме образовани, колку секој од нас, барем малку, ја продолжува мисијата на Кирил и Методиј. Затоа што, да се биде писмен и образован, не значи само да се знаат буквите, да се знае да се чита и пишува. Тоа значи да се осознава, да се учи, да се информира, да се сослуша и туѓиот став и мислење, да се дискутира со аргументи – и да не се коментира без врска. Меѓу другото.

Сите оние што 24 Мај го сфаќаат само како уште еден празник кога не се оди на работа, за жал ќе продолжат да се „дават“ во своето незнаење, во своите фрустрации и единственото задоволство ќе го наоѓаат во „плукањето“ по сѐ што е наше и што сме ние самите – од обични луѓе до политичари, спортисти, пејачи (како Андреа, на пример, што ја сотревме уште пред случајот со знаменцето затоа што, ете, некому не му се допаднала нејзината фризура или облека).

И затоа никој друг не ни е, ниту може да ни биде виновен. Вината си е само во нас. Ако самите не се сакаме, кој ќе нè сака?

Видео на денот