Експерти стравуваат дека новата концепција ќе биде водена од некомпетентни наставници

Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Нашата идеја е да создадеме млади граѓани кои се европски настроени. Нашите ученици учат многу предмети, но не знаат да ги поврзуваат, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, по објавувањето на новиот концепт за основно образование во земјава, кој и натаму е предмет на бројни реакции кај стручната јавност.

Конкретно на погоренаведната изјава остро реагираше Jулија Митревска, апсолвент на Институтот за историја, која укажа на неколку проблеми при имплементацијата на новиот концепт.

– Како прво, водени од ваквата изјава, а судејќи и врз база на репликата од професорката Бешка дека самата таа не е „толку стручњак за историја“, но е „многу јасно дека историјата треба да се учи заедно со граѓанското образование и географијата“, станува очигледно дека на јавноста `и се наметнува концепт создаден од некомпетентни личности. Зoшто велам некомпетентни? Спротивно познатата стигма дека околу историјата строго гравитира фактографското помнење клучни личности, настани и години, двата постулати врз кои се темели оваа ХУМАНИСТИЧКА наука се прашањата зошто и како, кои на големо изнанадување на госпоѓата Царовска, не можат да се одговорат без да се има одреден фонд на знаење кој ќе овозможи поврзување на историските процеси врамени во една хронолошка окосница – истата онаа која според гореспоменатата професорка по психологија е непотребна. Навистина прогресивно размислување благодарение на кое се отвора една исклучителна можност да конструираме историска сцена во која Наполеон ќе биде ante portas, а Влад Тепеш – flagellum Dei. Каков апсурд – реагира Митревска.

Понатаму во нејзиното обраќање, таа изрази и сомнеж за способноста на актуелните наставници да им го пренесат знаењето на учениците.

– Вториот проблем е имплементацијата по принципот magister dixit, кој потекнува не од предметот, туку од начинот на предавање на самите наставници кои, ревносно почитувајќи ја нашата древна, сакрална традиција на партиски вработувања, oсвен неопеаната способност за копирање на партиски воспоставените догми, се и некомпетентни за својата струка, создавајќи одбивност кај учениците кои генерално се препуштени сами на себе. Имајќи го сето ова предвид, не би сакала ни да замислам како еден наставник од таков тип, кој одвај се стекнал со титулата дипломец, ќе се справи со новите предизвици – додава Митревска.

Царовска: Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за 2018-2025 година

И покрај сите негодувања и реакции, министерката Царовска вели дека овој концепт е дел од стратегијата на МОН која треба да се реализира до 2025 година, а притоа додава дека е и дел од Законот за основно образование донесен минатата година.

– Оваа концепција е дел од Стратегијата за реформи во образование 2018-2025, дел од Законот за основно образование донесен пред околу една година. Следната фаза е концепција и понатаму пишувањето на наставните програми. Ние во континуитет како Влада, и претходна и сега, сме насочени кон реформирање на образованието. Сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација – рече Царовска.

Министерката истакна дека сите стратешки документи се веќе донесени и во претходната владина програма и во оваа владина програма стои дека рационализација или интегрирање на предметите, зголемување на периодот на присуство во училиште како безбедно место и вон наставни активности и наставни часови и предмети.

– Сето ова се прави со цел да можеме да го постигнеме, да го извлечеме максималниот потенцијал од секој ученик, а со тоа понатаму и да го употребиме тој максимален потенцијал во општеството – додаде Царовска.

За родителите новиот концепт е голема „енигма“

-Постојано читам за новите реформи и новиот концепт, морам да ви кажам дека за мене тоа е голема енигма. Ако со фузирање на предмети и сите нови промени кои не ги разбирам во цлост се подобри квалитетот на образованието, тогаш тоа е во ред, но ако тоа доведе до бришење на предметот историја, тогаш не сум за спроведување на овој концепт, вели Ванчо Арсов, родител на третооделенец од Струмица.

Покрај Арсов, и други родители со кои поразговаравме не се во целост запознаени со новите реформи, а некои велат дека е најдобро да се почека до крај, па пота да се носат заклучоци.

-Сигурно ќе има јавни дебати, консултации со социолози, педагози, историчари пред да се направиат конечните реформи. Неможеме да зборуваме однапред, најдобро ќе биде да ја почекаме конечната верзија, па потоа да даваме критики или пофалби – вели друг родител на ученик од Скопје.

Додека учениците се на распуст, кој започнува од четврток, наставниот кадар и сите засегнати страни ќе имаат можност до 20 јануари да праќаат коментари, предлози и сугестии за Нацрт-концепцијата за основното образование.

Документот на 48 страници е поставен на веб-страницата на Министерството за образование и наука кое концепцијата ја презентираше во средата. Нацрт-верзијата е објавена на пет јазици: македонски, албански, турски, босански и српски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот