Експерти по лидерската: Финалниот пакет ќе го „спакува“ меѓународната заедница

Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Барањата на опозицијата се проформа на пакетот што ќе биде изготвен од меѓународната заедница со кој ќе се реши овој спор. Тој пакет ќе ги разреди барањата на Мицкоски за одложена важност, на ист начин како што ги пишмани и претседателот и премиерот на државата по „ревизијата“ на „францускиот предлог“, смета политикологот Иво Рангеловиќ.

Поместени се партиските позиции и можност да се фати рокот уставните измени да бидат донесени до крајот на ноември за Македонија да го продолжи евроинтеграцискиот пат, е оцената на политичките аналитичари по лидерската средба помеѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Откако двајцата лидери понудија конкретни предлози, очекувањата се дека допрва ќе следат разговори како да се дојде до компромис, но и дека финалниот пакет за договор ќе го изготви меѓународната заедница. Ковачевски веднаш по средбата оцени дека има промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека опозициската партија не е против уставни измени. Наспроти заклучокот на Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ чека повратен одговор од премиерот дали нивните предлози се прифатливи, меѓу кои одложена примена на уставните измени и гаранции за македонскиот идентитет и за јазикот.

Ранѓеловиќ: Не знам што би барала постојната опозиција на наредни избори

Политикологот Иво Ранѓеловиќ цени дека по лидерска средба, најголема жртва е македонското општество.

„Јавноста е одамна предмет на манипулација во поглед на уставните измени, без притоа да ѝ се укаже дека тие се завршена работа, било тоа во овој мандат на една влада или во следниот. Барањата на опозицијата се проформа на пакетот кој ќе биде изготвен од меѓународната заедница со кој ќе се реши овој спор. Имено, тој пакет ќе ги разреди барањата на Мицкоски за одложена важност, на ист начин како што ги пишмани и претседателот и премиерот на државата по ,,ревизијата’’ на „францускиот предлог“, смета Рангеловиќ.

Според него, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за широката влада со ДУИ во опозиција е политичко ништо, бидејќи суштината е промената на Уставот.

„Доколку цената за промена на Уставот, според ВМРО-ДПМНЕ, е ДУИ да биде опозиција до избори, не знам што би барала постоечката опозиција на наредни избори. Предвремени избори се можни, можна е и Влада „ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ“ по изборите, можни се Бугари во Устав, но можно е и да нема место за Македонците во истиот“, вели политикологот.

И професорот на Правниот факултет Јове Кекеновски смета дека по лидерската средба видливо е поместување на позициите, дека уште има разлики, но и приближување.

„Сметам дека ќе има приближување и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да опстои на првичната позиција дека ќе нема уставни измени. Во разговорите што ќе следат ќе треба да се најде комромис помеѓе едните и другите. Добро е што разговорите почнаа и се надевам дека до ноември ќе се усогласат. Опозициската партија отстапи за Бугарите да влезат во Уставот. Борбата ќе биде за гаранциите и во делот на изгласувањето на уставните измени и важењето, односно дали веднаш или пред Македонија да пристапи кон ЕУ“, вели Кекеновски.

Ковачевски свика итни седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ

За новата позиција на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски вечерва свикува итни седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ.

„Состаноците на највисоките тела на партијата доаѓаат веднаш по одржувањето на лидерската средба, а повод се промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои ги прифатија уставните измени и нивно учество во Влада заради европска иднина. Во вакви нови околности заседаваат органите на партијата, а очекувано е темата да биде начинот и формата со којашто ќе продолжат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека премиерот Ковачевски имал јасна позиција и понуда до опозицијата – веднаш да се гласа за потребата за отворање на Уставот, потоа да се формира и Влада во која ќе учествува и опозицијата, а потоа да се доврши процесот на уставните измени и да се заврши скрининг фазата.

„Денеска опозицијата некако ретерира од ставот дека е за уставните измени, за разлика од вчера. Ние сме подготвени уште веднаш да се формираат работни групи и тимови како да се имплементира оваа идеја“, вели Маричиќ.

Тој додаде дека се подготвени да иницираат и закон за преговорите со ЕУ, за сите да имаат сигурност дека нема да се задира во идентитетот. Според вицепремиерот, ВМРО-ДПМНЕ не треба да ја одбие понудената рака за соработка.

„Ние уште денес би стапиле во комуникација дали може да се продолжат средбите, не мора да се на највисоко ниво, туку средби на какво било ниво. Понудената рака е великодушна од сите партии, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема причина да не гласа за уставните измени кои ни се толку многу потребни“, смета Маричиќ.

И од ДУИ потврдуваат дека партиските тела цел ден заседаваат за новонастанатата ситуација.

Помалите владини партнери ЛДП и НСДП ќе гласаат ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата ако опозицијата ги поддржи уставните измени, односно откако ќе се изгласа потребата од измени на Уставот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски пак, нема да ги коментира можните решенија за носење на уставните измени за кои се разговарало на лидерска средба, бидејќи не е постигнат договор во однос на ниту еден од понудените предлози.

Мицкоски: Го поздравувам потегот на Бујар Османи

И додека Ковачевски и СДСМ веќе кројат стратегија за натамошните средби и разговор со ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски порача дека чека одговор од СДСМ за неговите предлози – широка преодна влада без ДУИ и уставните амандмани да важат откако Македонија ќе стане членка на ЕУ. Мицкоски повтори дека од лидерската средба може да се констаира дека Владата го нема потребното мнозинство за уставните измени кои ги прифатила без да биде консултирана ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие креираа проблем и очигледно е дека една година потоа, 44 потписи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гарантираат дека нема да прифатат промена на Устав под бугарски околности. И покрај тоа што континуирано испраќаа лажни вести дека преговорите се почнати, вчера стана јасно дека Македонија не преговара и дека доплнително е потребно да се направат нови понижувања. Подготвени сме да разговараме кога станува збор за иднината на Македонија“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека Ковачевски понудил да отстапи пет министерства, а за возврат ВМРО да даде поддршка на уставните амандмани, да се завршат уставните амандмани, преговорите да почнат и да се оди на избори и дека тој му одговорил оти прифаќаат да влезат во Влада под одредени услови.

„Прво, конечо Македонија да ја ослободиме од ДУИ, и го поздравувам потегот на Бујар Османи дека прифати да не се дел од преодната влада. За уставните амандмани рековме – во ред, ќе прифатиме гласање, но ефектот да биде одложен, односно аманманите да бидат дел од Уставот откако Македонија ќе стане членка на ЕУ. Ако ЕУ навистина толку нè сака, тогаш процесот ќе оди на брза лента. Не е прекршување на преговарачката рамка, оти никаде директно не стои дека уставните амандмани се пречка за почеток на преговорите. Ние стоиме зад позицијата да го заштитиме македонскиот идентитет и очекуваме одговор за влада без ДУИ и одложена важност на уставните амандмани. Дотогаш да формираме преодна влада без ДУИ со сите политички партии со консолидираната албанска опозиција“,  рече Мицкоски и додаде дека предложил идниот премиер да не биде премиер поради договорот на СДСМ и ДУИ, туку премиер кој го избрале мнозинството пратеници во Собранието.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот