СМС ПОРАКАТА ОД РУСКОСКА: Од гаќи ќе ве истресам

Фото: Слободен печат

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“.

Вака, според Апелациониот суд гласела вчерашната смс порака на обвинителката од Одделот за организиран криминал и корупција – Скопје, Вилма Рускоска, испратена до еден од членовите на Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје кој учествувал во жалбена постапка по повод изјавените жалби на обвинетата Катица Јанева.

Апелациониот суд Скопје, во врска со изнесената содржина на СМС пораката, како и подоцнежен јавен настап на јавниот обвинител со слична содржина во медиумите, недвосмислено изразува став дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот каде јавното обвинителство е само странка во постапката.

„Апелациониот суд Скопје смета дека ваквото однесување на јавен обвинител претставува искористување на позицијата на јавен обвинител и обид преку јавен настап да се наметне постоење на елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет и да се изрази неосновано и паушално сомневање во поглед на правилноста и законитоста на одлуката на Кривичниот совет за определување на мерка куќен притвор која по својата законска поставеност и правна природа е мерка која после мерката притвор, претставува најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка.

Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители.

Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката“, велат од судот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот