Ексклузивно интервју со Џани Мирчев: Од филмот очекувам нови познанства, особено со неистомисленици

Фундаменталната тематска линија на филмот е распаѓањето на семејните вредности во денешницата. Сентиментите се девалвирани како наивност и плиткост, а цинизмот и индивидуалниот интерес владеат на мегданот на секојдневието.

Македонскиот сценарист и режисер, кој живее и работи во Рим, Џани Мирчев, денес (петок) ќе се претстави со свој краткометражен филм на реномираниот Филмски фестивал во Венеција. Станува збор за краткометражна творба изработена на покана од официјалниот селектор на програмата „Недела на филмската критика“ на Фестивалот, Џона Наѕаро. Филмот е насловен „Зомби“, а сѐ почнало со еден краток расказ на Мирчев, со кој бил селектиран во рамките на едногодишниот курс за филмски работници, понуден од фондацијата „Фаре Чинема“ („Fare Cinema“) на познатиот италијански режисер Марко Белокио, во неговото родно место Бобио.

– Сценариото го напишавме јас и Кристина Перико, додека режијата е на Џорџо Дирити, ментор на курсот, заедно со сценаристите Фредо Вала и Марко Петенело. Филмот беше финансиран од италијанската национална телевизија во соработка со продуцентската куќа „Аранчафилм“ на Џорџо Дирити – вели Мирчев за „Слободен печат“.

Потекнувам од фамилија на земјоделци и ѕидари, на труд и упорност сум навикнат од мали нозе. Кога ќе почнеш да трчаш со војнички чизми, па кога ќе затрчаш со патики, ти се чини лесно.

Која е тематиката на филмот?

– Филмот го претставува она што на сленг сценаристите го викаат „искуство со смртта“ („death expirience“), што во еден долгометражен филм е моментот кога протагонистите се соочуваат со најголемите препреки до нивната цел и минуваат низ мрачни морални искушенија и бессилие. Фундаменталната тематска линија би рекол дека е распаѓањето на семејните вредности во денешницата. Сентиментите се девалвирани како наивност и плиткост, а цинизмот и индивидуалниот интерес владеат на мегданот на секојдневието.

Се случува едноставно човек својата подобра страна или состојба на функционирање да ја најде далеку од дома и плитко е за тоа да се предава вината на родната земја.

Кои се очекувањата од претставувањето на филмот на овој престижен фестивал?

– Очекувам нови познанства, особено со неистомисленици. Речиси секогаш нивните критики се далеку поконструктивни од оние кои мислат како тебе. Судбината на сценаристот е како онаа на сопругот во породилната сала –  зачнал нешто, но нема поим како да ѝ помогне на сопругата или да ги ублажи нејзините маки. Критиките и соочувањето со докторот, односно режисерот, и со присутните за време на настанот се неговите  основни алатки за подобрување во секоја смисла, како на личен, така и на авторски план.

Што се случува во филмската индустрија за време на коронакризата во Италија, кои се предизвиците и последиците?

– Од февруари има тотална блокада. Нештата сe размрдаа по малку во август и тоа само во таканаречената „мејнстрим“ продукција, каде што можат да си дозволат скапи осигурувања и неделни тестови за сите што присуствуваат на филмскиот сет. Се „шушка“ дека од октомври ќе се подобрат работите, но сите би биле среќни ако барем во март, следната година, се почне со нормален ритам.

Успехот честопати е само привиден, а секогаш релативен. Единствениот личен успех се моите пријателства ширум светот. Каде и да одам имам пријатели што ќе ми понудат покрив, храна и искреност.

Се живее ли како слободен уметник во Рим? Како живееш?

– Не би рекол дека филмаџиите спаѓаат во наведената група на слободни уметници. Нивната слобода завршува кога сценариото е завршено. А сценариото на хартија е како препарирано диво животно. Нивната слобода станува чиста апстракција кога ќе ги прифатат парите од трет човек, најчесто група луѓе, за да испорачаат резултат за кој ќе треба да те убедат дека, ако ништо друго, барем ќе успеат да го повратат комплетно она што е потрошено. Да се биде слободен уметник и филмски работник во исто време е тежок луксуз за почетници. Се трудам од петни жили да дадам континуитет на моите креативни пориви, но од нешто треба да се плаќаат станот и храната. Соработувам со група уредници на раскази во Рим и вршиме консалтинг за играни и документарни проекти за телевизија и кино, брендирања и слично. Се снаоѓам релативно добро со седум јазици, и кога е најгусто финансиски, работам за една интернационална марка за покуќнина, работа во која патувањата низ Европа се на дневен ред. Тоа е тоа, како што вели еден филмски лик, нема лимон што е толку кисел за да не би можело од него да се направи нешто што наликува на лимонада. Потекнувам од фамилија на земјоделци и ѕидари, на труд и упорност сум навикнат од мали нозе. Кога ќе почнеш да трчаш со војнички чизми, па кога ќе затрчаш со патики, ти се чини лесно.

Сметаш ли дека за Македонија, твојата родна земја, важи правилото „прво успеј ти во странство, па потоа тука ќе те фалиме“? Си добил ли некогаш поддршка од својата земја во работата? 

– Мислам дека тоа не е само македонска ситуација, да не кажам случај. Така е насекаде. Се случува едноставно човек својата подобра страна или состојба на функционирање да ја најде далеку од дома и плитко е за тоа да се предава вината на родната земја. Посебно не оние што се занимаваат или работат во креативно-уметничката сфера. Најдоброто чешко кино, на пример, е правено за време на диктатурата, најдобриот рокенрол во Србија е за време на Милошевиќ. Секој човечки проблем или дилема е насушен леб за уметникот или за оној што сака искрено да го спознае човекот што се крие во блиските, а со тоа и во самиот себе. Успехот честопати е само привиден, а секогаш релативен. Единствениот личен успех се моите пријателства ширум светот. Каде и да одам имам пријатели што ќе ми понудат покрив, храна и искреност. Ова испадна баш рацинска, без намера. Сакам да кажам само дека некогаш она што не можеш да го допреш или опишеш со неколку зборови е посолидно и поконкретно од најголемите, крупни пофалби или успеси. За вториот дел од прашањето, имам само едно искуство со локалните власти и е премалку за добро расудување или проценка. Верувам повеќе во поддршката на просветлените покровители отколку од онаа на државните или локалните власти. Не знам како да кажам, уметници или интелектуалци, без разлика колку добро или лошо одат работите во земјата, должни се да бидат вечна опозиција. Како и да е, се надевам дека просветлена власт кај нас не е оксиморон.

Освен со Филмскиот фестивал во Венеција, што те преокупира на уметнички план во моментов? 

– Од неколкуте идеи за долгометражен филм на коишто работам – што лични проекти, што во соработка со други автори – се надевам да пркне барем еден догодина. Собирам материјали и работам на еден серијал за една наша Македонка, но затоа – потоа.

Кога ќе те видиме во Македонија?

– Намерата ми е да дојдам зимава, ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Плус мајка ми ме нема видено речиси две години. Ќе ме „отсини“ ако не се појавам. За баба ми пак, да не зборуваме.

 

ФОТОГРАФИИ: „Бјанка дел Пиано/Аранчафилм”.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот