ЕКСKЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ | Јан Липавски: Билатералните прашања не може да се решаваат во Брисел

Јан Липавски - министер за надворешни работи на Чешка / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Единствениот начин како може да се решат билатералните прашања е дијалогот, не Брисел. Добро е што Северна Македонија е земја членка на НАТО, најсилната воена организација во светот. Така што, логичен избор беше Северна Македонија да стане земја членка на Европската Унија, вели министерот Липавски во интервјуто за „Слободен печат“.

Министерот за надворешни работи на Чешката Република Јан Липавски вчера престојуваше во официјална посета на Република Северна Македонија. Во фокусот на посетата, покрај средбите со државниот врв беа и разговорите со домашниот невладин сектор за евроинтегративниот процес на нашата земја и конзистентната чешка поддршка на тој план, нашето претседавање со ОБСЕ во светло на руската агресија врз Украина, актуелностите во регионот, како и билатералните односи и соработката. Липавски стана министер за надворешни работи на 17 декември 2021 година. Роден е во Прага, каде што пораснал и завршил гимназија. Пред да влезе во политиката, кариерата ја градел во приватниот сектор поточно во банкарските и информатичките технологии. Тој беше првиот европски челник кој го објави почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

СП: Г-не Липавски, Чешка го започна претседателството на ЕУ со некој вид претпреговори за меѓувладини конференции и оттогаш наваму имаше многу мал напредок додека односите со Бугарија се влошија. Сега кога францускиот предлог го претвори билатералниот спор со Бугарија во услов за ЕУ, што може земјите членки и ЕУ да направат за да ја намалат ескалацијата на тензиите?

– Мора да разберете дека за да се стане членка на Европската Унија се потребни децении и мора да се сторат многу работи, да се завршат многу нешта. Билатералните прашања не може да се решаваат во Брисел. Но единствениот начин како тие може да се решат е преку дијалог. Позитивна работа е што Северна Македонија е членка на НАТО, тоа е најсилната воена организација во светот. Така што, логичен избор беше Северна Македонија да стане земја членка на Европската Унија, бидејќи со тоа ќе има позитивни придвижувања во нејзината економија, инвестициите, владеењето на правото. Но, за да се постигне тоа, потребно е да се направат многу работи, особено во делот на усогласување на локалното право со правото на Европската Унија.

СП: Што може ЕУ и членките да направат за да гарантираат дека нашиот европски пат е обезбеден, без малигно влијание од Софија кое би можело да води кон ново вето и блокади?

– Патот кон решението е постојан дијалог, потребно е да се работи на дијалогот цело време. Потребно е да се исполнат договорените чекори, па потоа ќе им биде многу лесно на земјите членки на ЕУ да кажат: „Ве молиме, добро размислете пред да преземете таков чекор“. Навистина треба да се завршат многу домашни задачи во овој процес.

Целото интервју со министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јан Липавски ќе може да го прочитате во утрешното печатено издание на „Слободен печат“ и во емисијата „Утрински печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот