ЕКСКЛУЗИВНО: Досега неемитуван документарец за Анче Џамбазова на затворањето на Гола месечина

Со затворањето на традиционалниот летен скопски културен фестивал „Скопско лето“, на 31 јули, културните настани во македонската метропола се поретко ги има. Речиси два месеца љубителите на уметноста се во очекување на новата концертна и театарска сезона.

Драмскиот театар, МНТ, театар Комедија и Театарот за деца и младинци враќање на големата сцена најавуваат на почетокот на септември.

Театарот за деца и младинци театарската сезона ќе ја започне на 19 септември, а цената на билетите останува непроменета, 200 денари.

Цената на билетите за претстава во театар Комедија сезоната 2019/20 ќе останат непроменети, 300 денари, а театарот програмата ќе ја започне на 10-ти септември со претставата „Жени пред нервен слом“, додека Драмски театар од летен одмор се враќа со претставата „Како да се ограби банка“, со која ќе настапи на веќе традиционалниот фестивал „Гола Месечина“.

Фестивалот „Гола Месечина“, шеста година по ред, од 2-9 септември, ќе се одржува во Спортскиот центар во Ново Лисиче.

Ексклузивно за „Слободен печат“, организаторите на фестивалот најавуваат прикажување на досега неемитуван документарец посветен на животот и делото на легендарната македонска актерка Анче Џамбазова. Документарецот ќе се прикаже на затворањето на фестивалот, на 9 септември, истиот се снимаше под режисерската палка на Миле Гроздановски, а сценариото го изработил Гоце Трајковски.

Влезот на фестивалот како и до сега ќе биде бесплатен, што според организаторите, театар Комедија и општина Аеродром, претставува можност љубителите на театарот да проследат квалитетни претстави од македонската и меѓународната сцена.

Претставите ќе се одржуваат во вечерните часови, а за разлика од првите неколку години кога фестивалот се одржуваше на почетокот на летото, поради отсуство на голем број граѓани поради летните одмори, организаторите донеле одлука истиот да се одржува на почетокот на училишната година.

За почетокот на училишната година се најавува уште еден настан интересен за помладата публика. Станува збор за back to school забава што ќе се одржи од 24 август до 1 септември на повеќе локации низ општината.

Забавата започнува на 24 август (сабота) со настапи на ДНК и диџеј во паркот „Јане Сандански“. Епицентарот на забавата ќе се случи на 31 август (сабота) од 19 часот, во паркот „Авионче“, а истата вечер ќе настапи и светски познатиот диџеј Пол ван Дајк.

Во меѓувреме, на 25 август (недела) на детската улица „Тоше Проески“ ќе има театарската претстава за деца „Зеленковци“ и настап на диџеј Мики од Радио Антена 5.

На 26 август (понеделник) во Паркот на езерата ќе настапат „Брејкдаун бенд“ со Пеце Суперхикс и диџеј Вера Јанковиќ, на 27 август (вторник) во Паркот на езерата настапуваат Бендоф и диџеј Цена, на 28 август (среда) во истиот парк ќе настапат „Саутпарк“ и диџеј Мартин од Радио Антена 5 а истата локација ќе биде место за луда забава и на 29 август (четврток) кога ќе настапат „Кума енд д бенд“ и диџеј Баже од Антена 5. На 30 август (петок) публиката ќе има можност да ги види и слушне „Теа енд д бенд“ и неповторливиот Драган Б. Костиќ.

Сите настапи почнуваат во 20:30 часот.

„BACK 2 SCHOOL WEEK ќе го заокружиме со фамилијарно дружење и „барбикју“ ден на 1 септември (недела) во паркот „Бановина“ во 18 часот, а ќе се релаксираме со настапите на Огнен Здравковски и незаборавните рок и екс ЈУ-хитови“, велат од општина Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот