ЕКС ПОЛИЦИСКИ ОФИЦЕР ОТКРИВА: Околу 3 часот по полноќ се гасат камерите на границите за да помине дрогата!

Глобалната иницијатива против организираниот криминал го објави извештајот во кој се анализираат тековите и жариштата на организираниот криминал на Балканот.

Извештајот кој  беше презентиран во Виена не открива драматични новини, барем што се однесува до Северна Македонија, но дава јасен увид во критичните точки кои му го даваат пулсот на организираниот криминал.

Балканот отсекогаш важел за транзитен регион за илегални активности, а Македонија во тој географски регион зазема, речиси, централно место.

Жариштата или „хотспотс“ како што ги наведува извештајот се места каде се врши „бизнисот“, а можат да бидат пристаништа, аеродроми, гранични премини или цели погранични региони.

Во делот на граничните премини на македонска територија се издвојуваат два: Богородица на границата кон Грција и Јажинце, во близина на Тетово кон Косово.

Извештајот го одбележува преминот Богородица како „транзитна точка за трговија со дрога: особено за хероин кој доаѓа во регионот; како и за канабис кој се шверцува од Албанија кон Грција и Турција.“

Преминот Јажинце, „се смета за хотспот за трговија со различни стоки“.

Поранешен полициски офицер, чие име не се наведува во извештајот, објаснува како се одвива илегалната трговија преку Јажинце:

„По полноќ, околу 3 часот наутро, полицијата и цариниците често добиваат наредба од нивните шефови да ги исклучат сите камери и да замижат едно половина час. За тоа, се разбира, добиваат адекватна награда. Камионот кој поминува во тој период ѝ припаѓа на криминална група која го дели профитот со високи функционери на владејачката албанска партија“. Недалеку од официјалниот граничен премин се наоѓа и илегална рута која криминалните групи ја користат за шверц со камиони, трактори и коњи; се наведува во извештајот. За одбележување е дека интервјуто со поранешниот полицаец било водено во ноември 2018 година.

Во делот на градовите како жаришта на организираниот криминал, во Северна Македонија се издвојуваат Скопје, Велес, Штип и Кочани.

Според извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, „главните криминални групи во Скопје се контролирани од етнички Албанци. Најчестите форми на организиран криминал се трговија со дрога, кражба на возила, шверцување мигранти, како и легални бизниси кои овозможуваат транспорт за шверцот, како и можност за перење пари“.

„Трите главни криминални групи кои оперираат во регионот: од селата Арачиново, Кондово и Грчец, уживаат политичка заштита“, заклучува организацијата во извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот