Економист, лекар, дипломат или каратист за „татко“ на Битола

Битола / Фото: Слободен печат, А.П.

За членови на новиот состав на Советот на Општина Битола каде што има 31 мандат, пријавени се 14 кандидатски листи на политички партии и листи поддржани од група избирачи. Со листи со кандидати за советници ќе настапат и партиите на Албанците, ДУИ и Алијанса на Албанците/Алтернатива.

Во градот на конзулите ќе се натпреваруваат шест кандидати за иден градоначалник, а за Советот на Општината се пријавени 14 советнички листи на партии и коалиции.

Бизнисменот и магистер по економски науки Христо Кондовски е фронтменот на СДСМ за „татко“ на градот, епидемиологот Тони Коњановски на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, економистот Горан Милевски – лидерот на ЛДП, ќе ги брани боите на својата партија, но овој пат надвор од коалиција со СДСМ, иако во централната власт двете партии продолжуваат да се партнери. Економистот Јорго Огненовски е кандидат на партијата Демократи, а поранешниот амбасадор во Турција Горан Тасковски на партијата „Македонска ера“. Каратистот, телохранител и велосипедист Зоран Лазаревски-Паљо е предложен од група избирачи како независен кандидат.

За членови на новиот состав на Советот на Општина Битола каде што има 31 мандат, пријавени се 14 кандидатски листи на политички партии и листи поддржани од група избирачи. Со листи со кандидати за советници ќе настапат и партиите на Албанците, ДУИ и Алијанса на Албанците/Алтернатива.

Кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и коалицијата Христо Кондовски вели дека, ако ја добие довербата на граѓаните, Битола ќе биде велоград.

– Најдобрите проекти носат развој, а развојот носи подобар живот. Во Битола ќе обезбедиме развој и подобар живот и со проектот „Битола велоград“. Затоа, продолжуваме со презентација на современите сообраќајни решенија по европски терк, како обележје на секој модерен град каков што Битола заслужува да биде. Ве увeрувам дека Битола ќе прерасне во град по мера на човекот – безбеден и хуман град, каде што велосипедизмот, пешачењето и јавниот превоз се доверлив избор за граѓаните. Тоа е дел од нашата стратегија за чиста и здрава животна средина – изјави Кондовски.

Тој најави изградба на велосипедска мрежа, која првично ќе се протега во должина од 20 километри. До крајот на реализацијата на проектот, Општина Битола ќе добие вкупно 40 километри велосипедска мрежа.

И политичкиот ривал на Кондовски е за велоград и зелена Битола, но не за подземен паркинг во центарот на Битола.

– ВМРО-ДПМНЕ има јасен концепт, визија за реализација на проектот „Битола велоград“, во соработка со стручната јавност и со сообраќајниот факултет ќе се реализира овој проект во периодот што следува во наредните 4 години. Не можам да не ја искоментирам изјавата на мојот противкандидат Кондовски, кога од една страна се залага за велоград, а од друга страна со еден многу скап проект вреден 4.000.000 евра, сака да донесе дополнителни 250 возила во центарот на градот. Да – за велоград, да – за зелена Битола, но не за подземен паркинг во центарот на Битола – изјави кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Тони Коњановски.

Горан Милевски, лидер на ЛДП, од коалицијата „Движење одлучно за промени“, побара битолчани да не избираат, како што вели тој, помеѓу црно и бело, помеѓу двете најголеми партии, туку да ги препознаат добрите предлози.

– Сакаме да го подобриме животот во општината Битола, а во изминатите години докажавме дека може да се работи и чесно и без криминал различно од другите – изјави кандидатот Милевски.

И другите кандидати во трката за татко на градот на конзулите ветуваат поурбанизирана, зелена и модерна Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот