Економијата и новиот црногорски премиер: Има уште многу да се оди до Луксембург!

epa08857318 Montenegro's Prime Minister-designate Zdravko Krivokapic delivers his plan for a new government to members of parliament in Podgorica, Montenegro, 02 December 2020. After the parliamentary elections on 30 August 2020, the ruling pro-Serb alliance 'For the Future of Montenegro', Civic Movement United Reform Action and coalitions 'Black or white' won the political mandate taking 41 out of the 81seats in the parliament. EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

„Би сакал да ја направам Црна Гора слична на Луксембург за четири години, со акцент на желбата сите да бидеме посолидарни и похумани, да живееме во држава што му служи на човекот и во која човекот ќе ѝ служи на државата“, е една од оценките на новиот премиер Здравко Кривокапиќ во експозето што минатата недела, како мандатар на новата влада, го изложи пред црногорскиот парламент со предлог на членовите на новиот владин кабинет.

Луксембург е земја со најголема просечна плата во Европа (4.000 евра), со највисоки социјални бенефиции (минималната плата е 2.200 евра), со најдобар животен стандард, а е европски лидер во почитување на човековите и граѓанските права и хуманиот начин на живот.

Црна Гора е на далечната периферија на Европа. Таа е регионален лидер во јавниот долг (со околу 90% од БДП), со најниска минимална плата (222 евра), со најниска покриеност на увозот со извозот (само 16 проценти), со голема зависност на економијата од туризмот, со ниски оценки за владеење на правото, со широко раширени сомнежи во точноста на претходната владина статистика „за благосостојбата“ што владее во државата…

Кривокапиќ си постави висок репер и секој чекор кон стандардите на Луксембург би бил одличен.

Според неговото експозе, тој го гледа патот кон економскиот напредок преку намалување на привилегиите и бројот на државните службеници во јавната администрација, преку зголемување на одговорноста, борбата против корупцијата, реформата на економската политика и развојот на производството, преработувачката, информатичката технологија и зелената економија. Кривокапиќ најави развој заснован врз иновации и знаење.

Мандатарот изјави дека очекува следната година да ги координира јавните финансии во соработка со меѓународните финансиски организации – ММФ, Светска банка и Европската Унија – со нови меки заеми од 500 милиони евра, големи заштеди и затворање на „славините“ за сомнителни проекти.

Вратете го ресорот за Труд!

Сојузот на слободни синдикати (ССС) на Црна Гора потенцираше дека е незамисливо концептот на новата влада да не вклучува Министерство за труд и дека е факт дека „нема држава (ако има, тоа е реткост) што нема посебно Министерство за труд“.

„Тој ресор ги регулира проблемите за повеќе од сто илјади вработени и десетици илјади работодавци во државата“, вели генералниот секретар на ССС, Срѓа Кековиќ.

Според најавата на мандатарот, ССС очекуваше тој да одржи консултации со нив пред објавувањето на предлогот за состав на Владата, што не се случи.

„ССС, како одговорен социјален партнер, подготви платформа на нашите очекувања од новата влада за тој очекуван разговор, кој не се одржа. Зошто мандатарот оцени дека ние, кои сме социјални партнери на Владата и кои претставуваме десетици илјади вработени, не треба да бидеме поканети на разговор, мандатарот треба да го даде одговорот на тоа прашање, а не ние“, потенцира Кековиќ.

На прашањето на „Вијести“ дали преместувањето на одделенијата и службите од едно министерство во друго може да значи промена на коефициентите за платите, Кековиќ објасни дека тоа не може да влијае на промената на платите, освен ако преместувањето не подразбира губење на раководните позиции.

Работодавачите задоволни од експозето

Унијата на работодавачи (УРЦГ) соопшти дека се добри сигналите во експозето на новиот премиер, бидејќи во него се укажува на намера да се зајакне транспарентноста на идната работа на власта и дека е добро што развојната економска политика, конкурентноста и одржливоста на јавните финансии се во фокусот на идните активности на Владата.

„Позитивно е и што работата на новата влада ќе се потпира врз Стратегијата ‘Европа 2020’, пред сè во смисла на најавата дека паметниот, одржлив и инклузивен раст ќе бидат принципите врз кои ќе се засноваат идните развојни процеси. Иако операционализацијата на планираните активности допрва треба да следи, содржината на експозето упатува на заклучок дека опфаќа и одредени области за кои УРЦГ се залагаше претходните години. Примери се најавената реформа на јавната администрација, во смисла на зајакнување на системот на отчетност, ефикасност и рационализација; намалувањето на јавната потрошувачка; владеењето на правото и борбата против сивата економија и корупцијата; инвестирањето во конкурентноста, производството и дигитализацијата, негувањето на животната средина, како и реформата и подобрувањето на образовниот систем“, оценија од УРЦГ.

УРЦГ очекува дека наскоро ќе имаат можност да организираат состанок со Кривокапиќ и министрите задолжени за создавање деловно окружување.

 

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот