24.8 C
Скопје

Еколошкото театарско шоу „Супербајкастично“ се подготвува во Театарот за деца и младинци

Комплетен домашен театарски производ се подготвува во Театарот за деца и младинци во Скопје. Заедничките идеи на Горјан Милошевски и Игор Ивковиќ ќе резултираат со претставата „Супербајкастично“, каде што Милошевски е автор на текстот, додека режијата е на Ивковиќ. Новата претстава во ТДМ е еколошка бајка за деца, но и за возрасни, чија цел е да ги разбуди емпатиите кај публиката за поголема грижа кон планетата Земја

– „Супербајкастично“ не е обична претстава за деца. Тоа е една голема авантура, во која преку чудните и духовити, но предупредувачки ликови публиката ќе биде дел од еколошко театарско шоу. Ова е забава, но пред сѐ, голема порака и силен аларм за децата, родителите и за сите луѓе, воопшто – истакнува Милошевски.

Двајцата херои во претставата, децата Мила и Давид, на свои 10 години ја започнуваат најголемата битка за нашата планета. За таа цел Давид создава супер еколошки велосипед водејќи се по изуми и нацрти на неговите предци – климатолози. Тој велосипед им овозможува магичен пат во еден свет што цело време ни стои пред очи, но како да не сакаме да го видиме. Притоа Давид е изумителот и научникот, а Мила е движечкиот дух на оваа мисија. Во претставата играат Мики Анчевски како Давид, Емра Куртишова како Мила, Катарина Илиевска Силјановска со ликовите на Небрила Токсичнаја, Кесимир и Сињора Брокули, Мартин Јорданоски како Пластислав, Хемиксон и Фосилчек Гориватски, и Марија Ѓорѓијовска како Медузата, Шишељуб и Мадам Бананушка.

– „Супербајкастично“ преку многу хумор и брливи и брзи слики со игриви мелодии, сака да ве натера да сфатите дека навистина имаме многу малку време за да ја спречиме големата еколошка закана што доаѓа од купиштата ѓубре, кои секојдневно ги создаваме. Ова е приказна за нашиот свет виден преку една различна перспектива, но со остра и точна порака за нас, за идните генерации и за чистиот и здрав свет. Само во таков свет можеме да живееме – потенцира авторот на текстот Горјан Милошевски.

На сценскиот изглед на претставата работат сценографот Филип Коруновски, костимографката Елена Вангеловска, додека за изработката на маскоти е задолжена Маре Трајковска. Композитор на музиката е Оливер Јосифовски, а кореографијата е на Дафина Данилоска-Кочевска.

– Живееме во време кога не само декларативно, туку и практично треба да зборуваме, да актуализираме, да поставуваме на театарските сцени теми од областа на животната средина. Неминовно е уште од најмала возраст децата, младинците, но и возрасните, да ги менуваат досегашните навики на живеењe, во кои сѐ помалку имаме чувство за околината. Претставата пренесува силни и мошне важни пораки за екологија, кои ги комуницира со публиката со помош на јасно изградени карактери што понекогаш потсетуваат на ликови од анимирани филмови, надополнети со гротескни игри и карикатури на познати ситуации од нашето секојдневие – објаснува режисерот Игор Ивковиќ.

Премиерната изведба на претставата е најавена за 12 јуни, со почеток во 19 часот, на сцената во Театарот за деца и младинци.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 83, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 јуни 2021)

Поврзани вести

Изложба со фокус кон монодрамите и дуо драмите на МНТ

Тони Димков

Уметничкиот центар „Полифонија“ ќе одржи два концерта на „Скопско лето“

Тони Димков

Интервју со Никола Глигоров: Работата на „Скопско лето“, пред сѐ, претставува задоволство

Тони Димков

Разговор со Драган Довлев: Подрумот со кукли како сцена за драмско дејство

Тони Димков

Младата пијанистка Инес Неделковска беше прогласена за музичар на неделата

Тони Димков

Пијанистката Ана Велиновска ќе настапи на два фестивали во Швајцарија

Тони Димков

Остави Коментар