27.8 C
Скопје

Еколошка „бомба“ покрај Лепенец: Граѓаните очекуваат итно чистење на дивата депонија во Ново Село

За катастрофата која се случува на почвата и водата поради депонијата во Ново Село, покрај Лепенец, во Општина Ѓорче Петров, алармираат жителите и граѓанските здруженија, но нема конкретен одговор што ќе се преземе од оние чија одговорност е да се грижат за градот.

Огромната дива депонија во Ново Село покрај реката Лепенец е  уште една од неколкуте во Скопје кои со години претставува еколошка „бомба“ и ги уништуваат почвата, водата, воздухот и здравјето на граѓаните, за кои надлежните не можат да најдат решение и покрај најавите дека депониите ќе се исчистат и раззеленат.

За еколошката катастрофа која се случува поради депонијата во Ново Село во Општина Ѓорче Петров, алармираат жителите и граѓанските здруженија, но нема конкретен одговор што ќе се преземе од оние чија одговорност е да се грижат за градот. Донесени се и локални еколошки планови, но на терен малку се гледа од она што е зацртано во нив.

Од Општина Ѓорче Петров тврдат дека и порано преземале мерки за расчистување на депонијата, а тоа ќе го прават и во иднина согласно дадените услови и можности, како на локално така и на централно ниво.

– Преземени се низа конкретни чекори, како што беше заградувањето и нивелирањето на просторот на депонијата. За понатаму е подготвен план за зазеленување и реанимирање на просторот со засадување на високостеблести садници и украсни растенија, за што веќе е постигнат договор со ЈП „Македонски шуми“ и е направена селекција на бројот и видовите на садници – објаснуваат од Општината.

Оттаму велат дека за конечно решавање на статусот на депонијата, односно нејзино расчистување и одлагање на отпадот на соодветна легална депонија, Општината има изготвено анализа и соодветна студија, при што приближната вредност на оваа операција надминува сума од еден милион евра.

– Ова би било прашање за кое општината ќе мора да побара помош од централната власт или донатор, за што се надеваме дека во скоро време ќе биде реализирано. Општината исто така планира во многу брзо време целосно затворање на двата влеза на депонијата, со пропуштање само на жителите-сопственици на околните ниви – велат од Ѓорче Петров.

Сепак, оттаму нема прецизен одговор дали Општината има капацитет да ја исчисти депонијата во Ново Село и како воопшто се дозволило депонијата да стане огромна и да ја загрози целата околина. Нема одговор ниту на обвинувањата на тамошните жители дека на депонијата се забележени и општински камиони како, наместо на Дрисла, на овој простор исфрлаат отпад.

Молчат и од Град Скопје за тоа дали и што ќе преземат со депонијата, но тврдат дека лани ја исчистиле. Сепак, нејасно е, доколку ја исчистиле, како можело за една година повторно да се создаде огромна депонија.

-Град Скопје со соработка со Општина Ѓорче Петров во текот на мината година ја расчисти оваа стара децениска дива депонија покрај реката Лепенец во Ново Село. Во текот на изминатиот период инспекторите и комуналните редари на Град Скопје вршеа засилени контроли на терен, но сепак не е можна секојдневна контрола на оваа локација. Борбата за поздрава и почиста средина е процес во којшто треба да бидат вклучени сите надлежни институции, но и граѓаните со своето одговорно однесување – одговорија од Град Скопје.

На својот фесјбук профил за овој проблем се огласи и граѓанската активистка и советничка во Советот на Град Скопје, Драгана Велковска, која посочи дека дивата депонија во Ново Село не е сама и дека помали или поголеми слични вакви локации имаме безмалку на секој чекор.

– Главната вина е на институциите со носењето на шупливи законски решенија, со неспроведување на и тие лабави законски одредби што постојат, со селективно казнување, неовозможување начини за редуцирање на отпадот итн. Делувањето вака однадвор како граѓански сектор и обидите да ги принудиме институциите да работат во полза на граѓаните, на оние кои ги плаќаат за да постојат – не се речиси никакво решение. Решението е да се влезе внатре во институциите, да се врати моќта на одлучување кај граѓаните. На тоа ние веќе работиме. Оваа седмица официјално ја пуштивме во употреба платформата „МојГрад“, тоа е една иновативна алатка за директна демократија со чија помош граѓаните може да вршат притисок врз институциите, да поднесуваат предлози за подобрување на квалитетот на нивниот живот и најважно, тоа е форум кој очекуваме да прерасне во механизам за отфрлање на сегашното вертикално управување со општините и премин на хоризонтално самопуправување засновано на принципите на одржлив развој и солидарност – напиша Велковска.

Поврзани вести

Главен научник на СЗО: Разочарува резултатот на вакцината „КјурВак“

Слободен печат

ВИДЕО | Вознемирувачка ситуација: Мечка влегла во град во Јапонија, четири лица се повредени

Слободен печат

Гебрејесус: Очекувам Гвинеја да прогласи крај на епидемијата на ебола

Катерина Стевовска

Штипјанец пронајден мртов во близина на селото Чардаклија

Слободен печат

Приведен дилер од Битола, пронајдени кокаин и марихуана

Слободен печат

Генералното собрание на ОН му изгласа втор мандат на Гутереш

Слободен печат

Остави Коментар