Еко-свест: Возможна ли е пост ковид обнова без вода и храна?

фото: Слободен печат/ Д. Митрески - река Турија

Еко-свест бара од Владата да го стави на висок приоритет здравјето и безбедноста на граѓаните и животната средина и да го планира економскиот развој одржливо и во насока на ублажување и прилагодување кон климатските промени

Додека ЕУ го започнува одбележувањето на неделата на биодиверзитетот, нас ни се случува уништување на природните ресурси во земјава. И покрај насоките и силните заложби од ЕУ за пост-ковид опоравувањето кое мора да се фокусира на зелен раст и развој и одржливо искористување на ресурсите со цел нивно зачувување и климатска акција, нашата реалност е сосема поинаква, наведуваат во соопштението од Центарот за истражување на животната средина „Еко-свест“.

-Питката вода е наш богат ресурс, многу чувствителен на последиците од климатските промени. Токму затоа во моментов секоја река и поточе станува скапоцен ресурс кој мора да се чува. И покрај лошите проценки за питката вода во последните сценарија за климатски ризици на Меѓувладинот панел за климатски промени, деновиве сведочиме на последиците од изградбата на мали хидроелектрани во земјата кои предизвикуваат целосно пресушување на реките и замирање на биодиверзитетот и животот околку нив- стои во соопштението.

Реката Бошавица извира кај планината Кожуф и се влева во реката Вардар кај Демиркаписката клисура, има многу притоки со кои заедно ги снабдуваат околните села со вода за пиење и наводнување. До Еко-свест пристигна информација од група граѓани дека изградената мала хидроелектрана на оваа река пресушува голем дел од речното корито и влијае на пристапот до вода на локалното население.

Стратешката оценка за Стратегијата за води на Р. Македонија изработена во 2011 година предупредува за ризиците од изградба на мали хидроелектрани во овој регион.

„Бројни регулации се изградени во спротивност со добрата практика (т.е. последната регулација на притоките на Вардар- Дошница и Бошавица во близината на Демир Капија) и предизвикуваат значителни негативни влијанија врз животната средина, како губење на врската помеѓу површинските и подземните води што се должи на губење на живеалиштата во каналот и значајни промени на ерозија и таложење на талог во околните канали како резултат на зацврстувањето на каналите, губење на заливните мочуришта и поврзаните биодиверзитети од изградбата на насипи, зголемување на влезови на фини седименти поради протоците или губење на вегетацијата на бреговите и слично.“

Но, и покрај ова, наведуваат оттаму, во 2014 година токму на овие две реки биле одобрени две мали хидроелектрани како јавно-приватно партнерство.

-Како земја располагаме и со плодна почва, од која зависиме за безбедно снабување на населението со храна, лекција на која нè научи пандемијата.  И покрај тоа, токму за време на вонредна состојба се носат судски одлуки во прилог на компанија која планира да изгради рудник над најплодната почва во нашата земја- Струмичко поле. Во комбинација со претхотните одлуки за кратење на средствата наменети за заштита на животната средина и природата, наликува дека нашата Влада не ја разбира суштината на пост-ковид обновата и „новата нормалност“ за која зборува во своите соопштенија- стои во соопштението.

Затоа, бараат од Владата да го стави на висок приоритет здравјето и безбедноста на граѓаните и животната средина и да го планира економскиот развој одржливо и во насока на ублажување и прилагодување кон климатските промени.

-Зелен економски развој нуди многу можности за економски активности кои ќе ги зачуваат природните ресурси во иднината. Во пракса ова значи да се засили контролата и заштитат граѓаните од несовесното работење на индустријата, воедно, да се засилат мерките за економско опоравување условени од примена на мерки на одржливост, енергетска ефикасност, дигитализација и циркуларна економија. Само на овој начин можеме да ги постигнеме зацртаните цели- обнова на економијата и на животната средина- велат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот