„Еко-свест“ бара укинување на субвенциите за малите хидроцентрали

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ започнаа со кампањата и собирањето на потписи за укинувањето на субвенциите кои Владата ги дава на малите хидроцентрали. Според нив, изградбата на малите хидроцентрали е проследена со сериозни прекршувања во правните постапки, почнувајќи од издавањето концесии, преку подготовката на стратешките документи, сѐ до моментот на нивното пуштање во употреба.

„Се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина. Се градат во некои од најживописните речни долини, во строго заштитени и еколошки чувствителни подрачја, со што прават непоправлива штета на природата и биодиверзитетот“, велат од „Еко-свест“.

Според нивните податоци, секое семејство во Македонија секој месец плаќа 6 отсто од висината на месечната сметка за струја за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. На годишно ниво, за електричната енергија произведена од мали хидроцентрали граѓаните плаќаат 16 милиони евра.

„Електричната енергија произведена од малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи кои на сопствениците им гарантираат сигурен профит. Сите постоечки мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4% од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјата, во период од годината кога не е најпотребно за домаќинствата. Истото количество електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без притоа да се уништуваат реките и недопрената природа“, додаваат од „Еко свест“.

Ревизорскиот извештај за малите хидроцентрали го разбуди и Јавното Обвинителство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот