ЕК со закон ќе ја штити конкурентноста од странските субвенции

Во Европската Унија државната помош и субвенции се строго контролирани од страна на Европската Комисија, со цел тие да не го поткопаат функционирањето на заедничкиот европски пазар.

Европската Комисија отвора јавна консултација за изнаоѓање начин да се спречат странски субвенции и инвестиции кои ги поткопуваат правилата на слободна конкурентност во Европската Унија.

Консултацијата ќе трае до 23 септември, по што Европската Комисија ќе почне да изготвува законски предлог.

– Европската економија е отворена и тесно поврзана со остатокот од светот. Ако сакаме ова да остане сила, мораме да бидеме внимателни. Затоа ни се потребни алатки со кои ќе се осигуриме дека странските субвенции не го искривуваат нашиот пазар, како што правиме со националните субвенции, изјави Маргрет Вестагер, извршната потпретседателка на Европската Комисија задолжена за конкурентноста.

Во Европската Унија државната помош и субвенции се строго контролирани од страна на Европската Комисија, со цел тие да не го поткопаат функционирањето на заедничкиот европски пазар. Меѓутоа, овие правила важат единствено за земјите членки на ЕУ.

– Унијата не располага со инструменти да спречи ваков тип субвенции од страна на странски држави. Оттука потребата да се изготват нови законски решенија на ниво на ЕУ, објасни Вестагер.

Потпретседателката на ЕК истакна дека „станува јасно дека надзорот врз ЕУ владите не е доволен” и дека иако странските инвестиции се важни за економскиот раст и работните места во ЕУ, тие можат да им наштетат на силите на слободниот пазар во Унијата.

Според анализите на ЕК сѐ почесто е констатиран „негативен ефект” од субвенциите кои доаѓаат од влади надвор од ЕУ за фирми кои дејствуваат во ЕУ.

Иако е јасно дека овие правила се поттикнати од растечкото влијание на големи земји како Кина, еврокомесарот задолжен за внатрешниот пазар, Тиери Бретон, нагласи дека тие ќе го засегне и Обединетото Кралство откако целосно ќе ја напушти ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот