ЕК со сериозни забелешки: Непоправлив хорор во македонските затвори, притвори и душевни болници

Затворот во Идризово, Фото: МИА

Нехуманите услови во затворите во Македонија повторно се најдоа на „тапет“, овој пат во годишниот извештај на Европската комисија. Во Извештајот се наведува дека „работата за подобрување на условите во притворските установи напредува нерамномерно. Од суштинско значење е итно да се решат лошите услови во некои затвори, полициски станици, установи за социјална грижа и психијатриски институции“.

Притоа се додава дека Народниот правобранител пријавил распределба на соодветни ресурси за активностите на Националниот превентивен механизам против тортура и механизмот за граѓанска контрола во 2019 година, додека посетите на местата за лишување од слобода биле прекинати за време на пандемијата на ковид-19.

„Иако продолжува изградбата и обновата во затворскиот систем, условите во затворениот дел и во амбулантата на казнено-поправниот дом „Идризово“ остануваат нехумани. Властите треба итно да ги пренесат осудените лица од најзапуштените згради и да ја забрзаат реконструкција на несоодветните објекти“, се вели во извештајот.

Според ЕК, редовниот надзор е од суштинско значење за да се спречи постојаното прашање на корупција во затворите. И покрај вработувањето на нови затворски службеници, казнено-поправниот сектор останува со недоволно вработени и недоволно финансиски средства. Плаќањето на здравствено осигурување за осудени лица на Фондот за здравствено осигурување започна во јуни 2019 година, но здравствената заштита во затворите останува сериозно загрижувачка, вклучително и во однос на малолетници и третман на зависности од дрога.

Замерки за условите во затворите нема само ЕК туку и домашната јавност, посебно притворениците, лицата што по разни обвиненија биле во некоја од затворските установи, како и нивните адвокати.

Петар Неделковски, адвокат од Скопје, за „Слободен печат“ вели дека сите власти во предизборието ветуваат и промени во затворските установи, еве по 31 година самостојност, освен мали и ситни дотерувања на неколку „хашки соби“ во Истражниот затвор „Скопје“ и во „Идризово“, сè друго е по старо и со години не е сменето.

– За три децении можеше да се урнат и стопати да се изградат нови и посовремени затвори и притворски одделенија. Но, кај нас, од сите влади, па и од сегашната, иако само се ветуваше подобри услови во овие институции, не е одделен ниту денар за нови згради. Занемарените се осудениците кои немаат современи услови за живот додека се во притвор или во затвор. Зградите во кои се сместени осудениците се изградени во убавите времиња на СФРЈ. Да видите само колку овие установи се руинирани однадвор и однатре, ќе се загрижите веднаш. Имало низа случаи притвореници и затвореници да се разболуваат токму поради условите не само во овие установи, туку и поради немањето соодветен кадар за лекување – вели Неделковски.

Коста Б., поранешен осуденик, кој минал повеќе од пет години во затвор, за „Слободен печат“ вели дека ужасни и крајно опасни се условите по здравјето и животот на сите што минуваат и еден ден во Истражниот затвор „Скопје“ или ја отслужуваат затворската казна во КПД „Идризово“.

– Нема ќелија во која бројот на лица не е над дозволениот. Пренатрупани ќелии и лесно се шират болести. Приватноста во нашите затвори не постои. Еден лекар за цел затвор, тоа е нешто незамисливо. За посериозни здравствени проблеми се чека милост од управата да дозволат за да биде спроведен преглед во некоја од болниците. Програмите за ресоцијализација се заглавени во некое друго време. Корупцијата царува во затворот. За пари сè може да се добие. Тие што немаат, ќе се мачат да преживеат. Голема среќа имаат тие што преку врски ќе издејствуваат помилување – вели поранешниот осуденик Коста Б.

И во најновиот извештај на Хелсиншкиот комитет за затворските услови меѓу другото се вели дека „загрижува фактот во врска со ефикасноста од спроведувањето на мерките за заштита во казнено-поправните установи, кои сè уште се соочуваат со ризик од пренатрупаност, а во врска со обезбедување простории за изолација на лицата што во никој случај не треба да се поистоветуваат со просториите за издржување на дисциплинската мерка самица, како и во установите во кои хигиенските услови се на најниско ниво поради проблеми со редовно снабдување со вода“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот