ЕК презема построги мерки за почитување на еднаквоста на ЛГБТ во сите земји членки

epa08717945 People take part in the Equality March in support of LGBT (lesbian, gay, bisexual, and transgender) rights in Wroclaw, western Poland, 03 October 2020. The sign reads (C) 'We Love who we want, Kaczynski loves a cat!'. EPA-EFE/Maciej Kulczynski POLAND OUT

Европската комисија денеска ја презентираше својата нова стратегија за еднаквост на ЛГБТ населението во Европската Унија и инсистира дека сите земји членки ќе мораат да ги почитуваат фундаменталните права запишани во Повелбите на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Со јасни пораки до земји како Полска и Унгарија, каде нападите врз ЛГБТ населението преку “слободни зони” и уставни промени со кои се забрануваат истополови бракови, еврокомесарките Вера Јурова и Хелена Дали денеска ја презентираа стратегијата наречена “Унија на еднаквост” на Европската Комисија.

Оваа стратегија ќе се имплементира во следните пет години во сите земји на ЕУ и почива врз четири столбови:  борба против дискриминација, безбедност на ЛГБТ населението, создавање на инклузивни општества за ЛГБТ населението и битка за еднаквост во целиот свет, порача комесарката задолжена за еднаквост, Хелена Дали.

Конкретно со оваа стратегија Европската Комисија правно се “наоружува” за да им се спротивстави на обидите за ускратување на правата на лицата кои се идентификуваат како хомосексуалци, лезбејки, би, транс, небинарни или интерсекс.

Европската Комисија планира преку алатките кои и се на располагање да ја води битката, односно прекуграничниот принцип на европското законодавство.

Иако семејното право останува строго национална надлежност, Европската Комисија смета дека не смее да им се забрани на истополовите бракови, и децата кои произлегуваат од овие бракови, да не бидат семејство кога ќе ја преминат границата кон земја која не ги признава нивните права, порачаа попладнево еврокомесарките.

-ЕУ законодавството за семејствата се применува кога има прекугранични импликации, не може кога ќе ја преминете границата семејните врски да престанат и вашето дете повеќе да не е ваше дете, ова е неприфатливо, ќе обезбедиме применување на ЕУ законодавството за семејства и ќе усвоиме предлози кои ќе вклучуваат таканаречените “виножито” семејства, изјави Јурова.

Комесарката потсети дека и покрај бројни подобрувања во состојбата со ЛГБТ населението во ЕУ, констатирани се и бројни назадувања, па така 53 отсто од лицата кои се идентификуваат као ЛГБТ се чувствувале дискриминирани оваа година, во споредба со 37 отсто во 2012 година. Повеќе од половина од овие лица речиси никогаш не се отворени за нивниот вистински идентитет и стравуваат од социјална стигма.

Важно е да се напомене и дека состојбата со коронавирусот и рестриктивните мерки дополнително ги загрозил животот на овие граѓани во ЕУ, многумина се нашле затворени во непријателски средини, со зголемен ризик од насилство, анксиозност и депресија, информираше еврокомесарката за правда.

За да се помогне признавањето и еднаквоста на овие лица, Европската Комисија исто така планира построго набљудување на директивата за еднаквост при вработување и општо на законодавството за борба против дискриминација.

Запрашана за нападите од земји како Унгарија и Полска кои сметаат дека ЛГБТ е “идеологија”, Јурова отсечно ги отфрли овие напади нарекувајќи ги авторитарни.

-Целосно ја отфрлам оваа сага на “идеологија”, ова не е западна идеологија, ова е заштита на правата на граѓаните на ЕУ, тие се граѓани на ЕУ и треба да живеат во целосна слобода, со сите права и можности, ова не е идеологија, ова е идентитет. Секогаш ќе ги потсетуваме сите за ова, нападите од идеолошки аспект припаѓаат во учебникот за авторитарност и немаат свое место во ЕУ, порача Вера Јурова.

Ова е првата стратегија во историјата на ЕУ за еднаквост на ЛГБТ населението.

Извор:МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот