ЕК: Нови поглавја за Србија, пофалби за Албанија, критики за Црна Гора, слаби оцени за БиХ

Европска комисија / Фото: Архива

Европската комисија препорачува отворање на две нови поглавја од преговорите за прием на Србија, ѝ изразува пофалби на Албанија за напредокот на евроинтеграциските процеси, констатира „забавување“ на реформите во Црна Гора, а ја критикуваше Босна и Херцеговина, на која и даде „лоши оцени за сите области“.

Во рамките на Годишниот извештај за Србија, Европската комисија препорачува отворање на преговорите за поглавјата за конкурентност и раст, како и за зелена агенда и одржлива поврзаност. Во извештајот за периодот од јуни 2020 година до јуни 2021 година се истакнува напредокот на Србија во усогласување со критериумите на ЕУ, особено во областа на претпазливост и енергетска политика, јави МИА од Брисел.

– Европската комисија препорача дека се исполнети преодните критериуми за овие поглавја и тие треба да бидат отворени – се забележува во извештајот за Србија. Комисијата смета дека Србија постигнала „ограничен напредок“ во областите на реформите во јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и медиумите. Притоа се повикуваат властите во Белград да обезбедат соодветна правна заштита од потенцијално политичко влијание врз судството, да работи на нова Антикорупциска стратегија и да обезбеди „убедливи резултати“ во областа на ефективна истрага, гонење и казнување сериозни случаи на организиран криминал.

Според процената на Европската комисија, Србија постигнала „ограничен напредок“ во областа на слободата на изразување и медиумите и дека средината што придонесува за непречена слобода на говорот мора дополнително да се зајакне.

– Вербалните напади врз новинари од високи функционери продолжија, додека случаите на закани и насилство остануваат загрижувачки – стои во текстот.

Извештајот на ЕК и оваа година дава позитивни оценки кога станува збор за економските показатели во Србија, во кои се наведува дека српската економија за време на кризата предизвикана од пандемијата доживеа само „благ пад“ од 1 отсто во 2020 година, и дека негативното влијание на кризата беше ублажена со „силен економски раст во пресрет на пандемијата, како и со соодветни мерки за фискална и монетарна поддршка, како и релативно краток рок за затворање на земјата“.

ЕК повторува дека внимателните преговори на Србија за членство во ЕУ ќе продолжат да зависат пред се од брзината на реформите во областа на владеењето на правото и нормализирање на односите со Приштина.

Во овој контекст, Србија се повикува да направи понатамошен напредок во спроведувањето на сите договори постигнати досега со Приштина и да придонесе за постигнување сеопфатен, обврзувачки договор за нормализација на односите со Косово.

– Овој договор е итен и клучен за Србија и Косово да постигнат напредок на нивниот пат кон ЕУ – се вели во извештајот на Комисијата.

Албанија: Признание за напредокот

Во извештајот за Албанија, Европската комисија нагласува дека таа постигнала „опипливи и одржливи резултати со продолжување на својата посветеност кон реформите насочени кон ЕУ“.

– Албанија генерално, и покрај предизвиците што ги носи пандемијата ковид-19, продолжи да ја покажува својата посветеност кон реформите насочени кон ЕУ и даде опипливи и одржливи резултати. Ги исполни сите услови утврдени во Заклучоците на Советот од март 2020 година за првата Меѓувладина конференција – се вели во извештајот за напредокот.

Во октомври 2020 година Комисијата го одобри пакетот за проширување и оцени дека условот поврзан со функционирањето на Уставниот суд е близу до исполнување, додека сите други услови што требаше да се исполнат пред првата Меѓувладина конференција, според ЕК, се исполнети, односно Уставниот суд е функционален.

– Во меѓувреме, Албанија продолжи да ги исполнува сите други услови и постигна дополнителен суштински, одржлив напредок во решавањето на другите приоритети поставени од Советот – пишува во извештајот.

БиХ: Убедливо најлоши оцени

За Босна и Херцеговина, извештајот на Европската комисија содржи убедливо најлоши оцени на експертите за состојбата во земјата во споредба со другите земји во регионот. Оценето е дека во Босна и Херцеговина нема напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал, во реформата на изборниот процес, слободата на изразување, или во надворешните односи, и имало „назадување“ и во областа на јавните набавки. Што се однесува до политичките критериуми, се наведува дека законодавната и извршната власт имале „слаб ефект поради политичката поларизација и нарушувањата предизвикани од пандемијата“.

– Негативните ефекти од распространетата корупција и знаците на политичко заробеништво продолжија да се манифестираат силно за време на пандемијата, директно влијаејќи на благосостојбата на граѓаните – се вели во извештајот, посветен на Босна и Херцеговина.

Во документот како „загрижувачки“ се издвојува „селективното и нетранспарентно гонење и судско следење на случаи на корупција“. Идентификувани се системски недостатоци во оперативната соработка помеѓу агенциите за спроведување на законот и многу ограничено размена на разузнавачки информации. Се вели дека полицијата е „предмет на политичко мешање“, а финансиските истраги и запленувањето имот главно се неефикасни.

Кога станува збор за стагнирањето на борбата против корупцијата, Извештајот наведува назадување во областа на јавните набавки.

Посебен дел од Извештајот се однесува на мигрантската криза во земјата, каде што се вели дека властите не успеале да воспостават одржлив систем на миграција и азил, што доведе до хуманитарна криза во декември 2020 година. Воспоставен е привремен шаторски камп во Бихаќ на северозапад од БиХ за да обезбеди засолниште за сите луѓе што имаат потреба.

Европската комисија во извештајот  признава дека Босна и Херцеговина ги засили напорите за подобрување на управувањето со миграцијата, но се оценува дека земјата треба да обезбеди ефикасна координација на сите нивоа на гранично управување и капацитет за управување со миграцијата, како и функционирање на системот за азил.

– Ова бара правична распределба на одговорностите помеѓу сите ентитети и кантони, вклучително и сместување на прифатни центри – се вели во извештајот на ЕК за Босна и Херцеговина.

Црна Гора: Тензии и недоверба

Тензиите и недовербата меѓу политичките актери го одбележаа периодот опфатен со извештајот поврзан со политичките критериуми, се вели во Извештајот за напредокот на Црна Гора.

– Длабоката поларизација помеѓу новото владејачко мнозинство и опозицијата траеше во текот на 2020 година и се засили во постизборниот период. Загреаните односи и недовербата ги поттикнаа честите ескалации и дополнително ги влошија политичките поделби, вклучително и во владејачкото мнозинство – се вели во документот посветен на Црна Гора.

Во врска со изборните реформи, во извештајот се заклучува дека напредокот бил бавен поради првичните одложувања и периодичните бојкоти.

– Парламентот го разреши претседателот на Државната изборна комисија во јуни 2021 година, а именувањето на нов претседател сѐ уште се чека во парламентот. Потребни се континуирани напори за зголемување на професионалноста, транспарентноста и отчетноста на ДИК – се наведува во документот.

Црна Гора останува умерено подготвена за спроведување на придобивките и европските стандарди во областа на правдата и основните права и генерално постигна ограничен напредок, со ограничени резултати во однос на одговорноста.

Сепак, се забележува дека не е постигнат напредок во областа на правдата, а спроведувањето на клучните судски реформи стагнира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот