Ех, да беа Бугарите-Срби

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Освен грандиозната победа на македонската фудбалска репрезентација над Германија, друга колективна радост во последно време не сме доживеале. Тој краткотраен интензивен изблик на чуства за кратко нѐ отргна од Бугарско-Македонските односи и од дебатите за вакцините и нивната корист.

Според тоа како лаички се пишува за квалитетот на вакцините ќе се помисли дека тие се поопасни и од самиот ковид-19. Одеднаш сите станаа експерти за степенот на нивната ефикасност, при што АстраЗенека е ставена на дното на листата. За непопуларноста на оваа вакцина свој придонес имаат и нашите власти кои се поведоа по одлуките на неколку европски држави кои привремено ја стопираа нејзината употреба за помлади лица. Поради тоа настана мала паника меѓу сите оние македонски граѓани кои деновиве за викендот се „боцнаа“ токму со неа во Србија.

Но, Вучиќ не се дава да се изненади. „Ако Бојко (рекол) дава 5000, јас ќе дадам пута десет ако треба“.

И така бидна. Србија ни испрати дваесет илјади вакцини, како прва пратка од четириесет илјади руски „Спутник В“ вакцини, како „извинување“ што минатиот викенд `не стави во „незавидна“ положба и нѐ пелцуваше гратис со „страшната“ АстраЗенека. Ако, и Македонците нека бираат вакцини од „Шведска маса“ како и ние Србите, (како да) се вели во пораката од српските здравствени власти.

Така ти е тоа на Балканите, Србите нѐ боцкаат у раме, за здравје, а Бугарите нѐ д**пат у мозок.
Едни ти испраќаат вакцини како помош, а други, „протесни ноти“.

Добро, ете, Бугарите не можат здравтсвено да ни помогнат, но кога веќе имаат искуство со „ноти“, можеби планираат музички тоа да го сторат и ќе гласаат за македонскиот претставник на Евровизија, та нели тој ти бил нивен.

Бугарите не го сфаќаат тоа што Србите го укапираа благовремено. Кога едно време партијата на Шешељ, на која и припаѓаше и српскиот претседател Вучиќ нѐ нарекуваа „Срби со говорната мана“ или „Јужна Бановина“, го погодија достоинството на Македонците и нѐ оттурнаа од себе.

Знаеја и тие да се прчат со Прилеп „као најстарији српски град“ и со „Краљевиќ Марко“, со Душанов мост и т.н. Но таа политика не дава резултати. И ја сменија плочата. Тоа „сиротиот“ Џамбаски нема капацитет да го сфати. Ниту пак Каракачанов и останатите. Едноставно Бугарската политичка елита нема поим од политика на стекнување пријатели. И кај да е, тоа ќе им се удри од глава.

Засега Србите „инвестираат“ во нас, а ние засега се „гребеме“ без срам. Не знам како Зоки Заев ќе им се оддолжи, зашто од многу „фала“ велат не се живее, а Србите знаат тоа уште по сочно да го кажат: „нема џабе ни код бабе“.

Кај да е ќе дојде келнерот за наплата на сметката. А тој очекува, ако си задоволен од услугата, и бакшиш да оставиш. Бугарите засега само нарачуваат. За сметка не прашуваат, мислат, Македончето ќе плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот