ЕГЗОСКЕЛЕТ КОЈ ЧИТА МИСЛИ: Најновото достигнување на науката кое парализираниот Тибо го направи да се чувствува како „првиот човек на месечината“

Фото: Профимедиа

Посебно роботско одело кое „чита мисли“ му овозможи на маж со парализирани екстремитети да ги придвижи рацете и нозете, рекоа француските научници, а објави „Индепендент“.

Човекот познат само како Тибо (30), изјави дека неговите први чекори во роботското одело го направиле да се чувствува како „првиот човек на Месечината“.

Системот, кој работи со снимање и декодирање на сигнали од мозокот, беше тестиран при двегодишната студија на француските научници во биомедицинскиот научен центар Клинатек на Универзитетот во Гренобл.

Научниците рекоа дека роботското одело сѐ уште е во експериментална фаза, но исто така посочија дека има голем потенцијал да го подобри животот на пациентите и нивната автономија при движењето.

Носејќи роботски екстремитети, Тибо можел да оди и да ги движи своите раце, а роботот бил врзан за таванот за да му помогне при балансирањето во одењето.

Како дел од тестирањето, тој бил опериран и му биле поставени два импланти во делот од мозокот кои го контролираат движењето на телото. 64 електроди на секој имплант ја читаат активноста на неговиот мозок и ги испраќаат инструкциите во компјутер.

Специјален софтвер потоа ги чита мозочните бранови и ги претвора во инструкции за егзоскелетот.

– Се почувствував како да сум првиот човек на Месечината. Не можев да одам две години. Сум заборавил да стојам, и заборавив дека вообичаено сум повисок од другите луѓе во собатата – истакнал Тибо.

Професорот Алим Луис Бенабид, главниот неврохирург на Универзитетот од Гренобл, рече дека користениот егзоскелет бил првиот полу инвазивен бежичен мозочен компјутер дизајниран за долгорочна употреба за да ги активира сите парализирани екстремитети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот