Египет ги повика Хамас, палестинските власти и Израел да продолжат со преговорите

Ahmed Zakot / Zuma Press / Profimedia

Египет ги повика Израел, палестинското движење Хамас и официјалните палестински власти да одржат одделни разговори за консолидирање на примирјето со кое заврши 11-дневната војна меѓу израелската армија и палестинските екстремистички организации во појасот Газа.

Намерата е да се воспостави долгорочно примирје, со цел да се овозможи продолжување на разговорите, а можеби и на директни преговори.

Неименуван претставник на египетското разузнавање најави дека ќе се разговара и за забрзување на реконструкцијата на Газа која беше разурната во војната.

Во војната, која почна на 10 мај, загинаа повеќе од 250 лица, повеќето Палестинци, а таа сиромашна палестинска територија на бреговите на Средоземното море претрпе голема штета, која според првичните проценки изнесува стотици милиони долари.

Улогата на Египет беше клучна за воспоставување на примирјето што стапи во сила минатиот петок, а преговорите може да почнат веќе следната недела.

Израел начелно се согласи да учествува, но сè уште нема конечна агенда.

Египетски официјален претставник рече дека се споменува можно ослободување на палестинските затвореници во Израел во замена за телата на двајца убиени израелски војници и двајца израелски цивили што ги држи Хамас.

За ова се разговарало и со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, за време на неговата вчерашна посета на Каиро и со министерот за надворешни работи на Катар, кој во вторникот беше во главниот град на Египет.

Портпаролот на Хамас, Абделатиф ал Кану, потврди дека лидерот на организацијата, Исмаил Ханија, ќе го посети Каиро следната недела и оти Хамас е отворен за разговори за размена на затвореници.

Палестинските власти, кои управуваат со друга палестинска територија – Западниот брег, не го потврдија своето пристигнување во Египет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот