Ефектите на економска војна преку Украина

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Идејата на западните сојузници е да го пасивизираат стопанството и наменската индустрија како потхранувач на руската тупаница и, индиректно, да ја колабираат економијата за да може да влијаат врз населението и клучните политички фактори да го одвратат Путин од намерата да ја разурне Украина и да се повлече од нејзината територија, како крајна цел.

Во неколку наврати на овој форум објаснувавме дека водењето војна е многу повеќе од употреба на сила. Поголем дел од сите наши следбеници тоа добро го знаат, ама некако кога ќе се спомне терминот конфликт или војна, па и вооружен судир, како да добиваме амнезија и повторно се фокусираме на она што директно можеме да го видиме. Тоа донекаде е разбирливо бидејќи употребата на сила како инструмент на моќ е највпечатлив за сетилата. Има разурнувања, голема материјална штета, ефекти по бизнисот, производството, по целиот социјален живот, психолошки ефекти врз луѓето, но најстрашно од сè е губењето човечки животи. Сепак, за да се дојде до таа фаза оние што се занимаваат со наука за војната знаат дека употребата на сила е само дел од активните мерки што се директни и видливи како дел од употребата на сила.

Од аспект на физиката би рекле тоа е кинетичка сила. Но, за таа кинетичка сила да го даде резултатот што ви е потребен кога активно сте решени да ја употребите, потребно е да имате потенцијална сила, која потоа станува кинетичка. Тоа во практика, драги мои, значи дека градењето на капацитетите и на ресурсите (материјално-технички и човечки капитал) е филозофија што се практикува за време на мир. Паметни системи дури зборуваат дека потенцијалната сила може да биде решавачки фактор во зачувувањето на мирот. Како? Па, едноставно, преку одвраќање. Впрочем, целата Студена војна го изгради балансот на таа основа. Преку создавање психолошка слика и убедување на потенцијалните непријатели за меѓусебно осигурување дека е неисплатливо да го притиснат копчето и потенцијалната сила да ја претворат во кинетичка сила.

Сепак, покрај силата, има и други инструменти на моќ, кои се придружни и синхронизирани со употребата на сила. Еден од тие најбитните, покрај дипломатијата и информациите (често пропаганда за време на војна) е економијата. Таа е битна за да може да ја обезбеди силата, односно да има ресурси за одржливост на кинетичкиот дел. Уметноста во управувањето со неа е исто така значајна за да има „одвраќачко“ влијание па дури и политичко влијание дури и додека трае конфликтот. На пример, западните сојузници, покрај донација на оружје и борбени системи, или обука на персонал, се обидуваат да ѝ помогнат на Украина и преку санкциите кои ги наметнаа против Русија со цел да ја еродираат моќта на Русија, директно и индиректно. Идејата за директна ерозија е да го пасивизираат стопанството и наменската индустрија како потхранувач на руската тупаница – употребата на сила. Индиректно, да ја колабираат економијата за да може да влијаат врз населението и клучните политички фактори да го одвратат Путин од намерата да ја разурне Украина и да се повлече од нејзината територија, како крајна цел.

Варијации на индиректните економски влијанија има многу. На пример, при нападите на НАТО врз Југославија воената кампања се насочи кон критичната инфраструктура (иако цивилна) заради две клучни цели. Оперативно, да го спречи маневарот на вооружените сили. Политички, да предизвика скепса кај водството во поглед на одржливоста за водењето на војна. Со други зборови, да размисли дали по завршување на војната ќе може да се изгради сето тоа, ако воопшто може да се изгради. Според анализите, по завршувањето на воздушната кампања, од српска страна, генерално, ваквите претпоставки во операциите се покажаа како точни. Она што, за жал, сега го гледаме во Украина е сосема идентично или слично во оперативна смисла. Русија сака да предизвика индиректен ефект преку директно разорување на критичната инфраструктура на Украина и тоа поврзано со ефекти од даден период: годишно време зима, и секако ускратување на потребата за топлина на населението. Од правен аспект ова е крајно контроверзна доктрина бидејќи би можела да генерира аргументи дека предизвикува страдање како последица.

Од друга страна, има сериозни проблеми со принципите на војување особено со пропорционалноста и со принципот на ограничување (или разликување). Паралелно на ова, од друга страна индиректните ефекти на економската војна имаат сериозен учинок исто така. Деновиве кај дел од оние кои се занимаваат со вакви суштински анализи мошне актуелно е дали санкциите кои се спроведуваат за да се казни Русија се добро „искалибрирани“ и дали повратниот ефект од нив може да биде кобен по западната коалиција, особено во основниот императив да се задржи единството против Русија. Бидејќи направивме неколкунеделно истражување, а за нешто од ова говоревме и во минатото, било какво еднострано гледање на работите е однапред осудено на заробување во матрицата на сопствената перцепција, која во ефект на терен може да биде кобна. Не сакаме да прејудицираме ништо, туку само да посочиме дека постојат сериозни истражувања кои говорат за тоа дека Русија страда од санкциите.

Директните анализи од аспект на побарувачка и потрошувачка или од класична капиталистичка логика на „консумеризам“ се мошне точни во оваа насока. Но, има една работа што историски знае да им пркоси на ваквите анализи и таа е малку поапстрактна отколку директна и егзактна, базирана на статистика и физички аргументи. За да поедноставиме, бидејќи и нам ни требаше време да го „свариме“ ова, ќе парафразираме една шега која има различни интерпретации и некаде по медиумите беше споделувана со локална балканска интерпретација. Шегата, драги мои, оди вака. Починале Американец и Русин и отишле во пеколот. На портата свети Петар ги прашал каде сакаат да одат – во рускиот или во американскиот пекол. Русинот прашал во што е разликата, а свети Петар му одговорил: Па види, во американскиот ќе треба да јадеш една кофа со измет секој ден, а во рускиот по две. На ова Американецот не ни дочекал свети Петар да заврши и го избрал американскиот. Русинот се мислел и по некое време го одбрал рускиот. По година дена се сретнале и како стари добри пријатели помуабетиле. Американецот си кажал дека влегол во рутина и дека најчесто дозата ја зема од сабајле за потоа да нема обврски. Потсмевајќи се го прашал Русинот како е кај него. Овој му одговорил: Знаеш како е кај нас, кога има ќе го украдат половина, честопати нема, или кофите ги носат празни, а ако ги донесат, само едната е полна.

Иако е сатиричен, муабетот има позадина. Културолошки, со други зборови, многу е битно што ќе предизвикате со санкциите и каде ги применувате. Ако санкциите се дизајнирани на капиталистичка основа за општество што има само псевдокапитализам (читај: олигарси што го испокрале) тоа тешко ќе ви оди. Кризата што сакате да ја предизвикате, нема да можете бидејќи таа е веќе таму. Дополнително, не сте успеале да креирате перцепција спротивна на тоа дека виновник за состојбата кај Русите е токму тој, капитализмот, бидејќи за широките маси кои се испокрадени тоа значи дека се испокрадени токму од параметрите кои ги бара капитализмот. Тука капитализмот сам по себе не е виновен. Тука се виновни актерите во капитализмот, кои гонејќи го голиот профит не успеале да видат дека со нелојалната конкуренција и со корупцијата го осиромашуваат населението и дека непринципиелните власти (кои не се од почетокот на војната, туку многу претходно) ќе создадат слика на лажни очекувања и лажни виновници. Поедноставено, компаниите што се повлекоа требаше да го сторат тоа многу претходно, во моментот кога здогледале дека има авторитаризам, корупција и организиран криминал кој им дал можност на олигарсите да станат тоа што се.

Да не се разбереме погрешно. Тоа не значи дека санкциите на Западот врз Русија не „работат“. Тоа значи дека треба да се внимава, кога псевдолибералите ќе се залетаат и ќе даваат само еднострани анализи кои како папагали ги чуле овде-онде на некој семинар. Не дека таму тие експерти лажеле, ама овие не разбрале дека тие предавања се само од одреден аспект – ако и само ако има такви и такви услови тогаш важат таквите заклучоци. Она што дополнително почна да боде во очи и да ги плаши вистинските експерти е повратниот бран од санкциите по западното единство против Русија. „Политико“ на крајот од минатата недела објави напис кој во слободен превод би гласел – „Европа ја осудува САД за профитирање од војната“. Во написот што е мошне критички се изнесуваат податоци за тоа дека поголем број европски дипломати стануваат нервозни од политиката на Џо Бајден. Ваквите нивни ставови тие ги доведуваат во врска со високата цена на гас, која Европа мора да ја плати, а особено поради тоа што, според нив, како што тврди написот, најмногу корист имаат САД. Експлозивните коментари, како што ги нарекува написот, се даваат не само на приватни средби туку и јавно. Меѓу другите е цитиран и Жозеп Борел, кој за „Политико“ изјавил: „Американците, нашите пријатели, носат одлуки што имаат економски импакт врз нас“. Текстот, нормално, ја дава и другата страна на приказната во која цитира извори од САД кои ги негираат тезите и тврдењата на Европејците. Независно кој е во право, едно е евидентно и јасно: војната во Украина создаде повратен бран врз Европа. Таквиот бран допрва се разгорува со заштитните мерки што САД ги воведоа во трговијата со автомобилската индустрија.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот