Едукативно-културниот центар „Лабораториум“ го прославува првиот роденден со активности низ целата седмица
Програмата по повод роденденот на едукативно-културниот центар „Лабораториум“ отсликува дел од проектите кои „Лабораториум“ ги имаше во изминатата година, разновидни, необични и активни. Повеќедневната и разновидна програма почна на 3 декември и ќе трае до 8 декември.
На 3 декември се одржа хуманитарниот настан „Giving Tuesday“ во соработка со центарот за социјални иницијативи „Надеж“, кој има за цел да ја подигне свеста на младите во нашата земја за важноста на реупотребата на користената облека и аксесоари.
Вечерта на 4 декември е резервирана за „All star-Jam session“, кога ќе настапат учесници во проектот „Експериментален џем“ на „Лаб“, со отворена покана кон сите артисти и музичари кои биле гости изминатата година. Четврток (5 декември) е посветен на локалните крафт-производители и млади диџеи, а за музичкиот дел ќе се погрижи диџејското дуо „D.I.K“.
Викенд-агендата за роденденот на „Лабораториум“ ќе почне со нова иницијатива на едукативно-културниот центар, „Social Friday“, наменета за заедницата и за локален активизам. „Лабораториум“ ќе ја пренамени оградата на „Lab Café“ во автобуска станица на постојката „Европски Универзитет“. Утрото ќе биде посветено на повозрасните граѓани, на кои ќе им се понуди платформа и простор за формирање на сениор клуб во рамките на „Лаб“, место каде нивните идеи и желби ќе бидат сослушани и реализирани.
Вечерната викенд програма започнува со најава за највозбудливиот проект на „Лабораториум“ до сега – новото онлајн радио „Стереолаб“. Ова ново радио има цел да промовира нова независна македонска музика, но исто така ќе негува стари и нови музички тенденции од целиот свет. Диск-џокеи ќе бидат Илина Ангеловска и Ивана Драгшиќ, придружени со перформанс на „Александар Велики“ – Гачо.
Саботата, на 7 декември, ќе започне со детското катче, каде на најмладите „Лаб“ ќе им понуди неколку забавни, интерактивни и едукативни проекти. Програмата ќе вклучува интерактивна работилница за репарација на играчки со кои потоа ќе се импровизира куклена претстава, ќе има работилници, детско музичко шоу и „мини диско“.
Во вечерните часови ќе следува филмската вечер, каде покрај проекцијата на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски, ќе се одржи и филмски квиз и забава со филмска музика.
Големото финале на 8 декември ќе биде крунисано со Отворен ден во „Лабораториум“, односно целодневна програма дисперзирана на повеќе катчиња во халата – ликовна уметност, театар, игри, спорт, печатње на „Lab merch“ во живо, како и повеќе музички настапи на големата и малата сцена. Диџеј-сетови ќе имаат Јанко петел јаваше, DDs, Disco Ninja, Double G, а во живо ќе настапат „M!“ и „Kем“. Настанот во недела ќе трае од 13 часот попладне до 1 часот по полноќ.