Едноставниот, а моќен говор на природата

Документарниот филм „Медена земја“ можеби најпластично покажува колку навистина живееме во дослух со природата односно што се случува кога се оддалечуваме од изворот и ги забораваме основните правила и принципи кои се заслужни за одржувањето на балансот.

Она што е интересно, е дека сите се одушевуваат на приказната за Атиџе Муратова, сите се трогнати и сакаат да бидат дел од целата таа еуфорија, која со право се создаде околу овој филм. Но, прашањето кое се наметнува, е колку навистина тоа допира до нив или пак успева да ги освести и замисли. Повеќе изгледа дека тоа е само уште една потреба да се биде онаму каде што нешто се случува, каде што се добиваат признанија и каде што е свртено целото внимание, бидејќи факт е дека така се добиваат најмногу поени, тоа е одлична можност да покажеме дека и ние сме дел, дека разбираме, дека даваме поддршка, дека се радуваме на успехот, а всушност за многумина тоа е уште една извонредна прилика за себеси и секако за неизбежните селфија.

На фестивалот во Санденс овој филм, кој беше прогласен за најдобар, ја доби и наградата за општествени промени и тој навистина ја има таа моќ, но само онаму каде што за него навистина се има и слух. Еве да ја земеме нашата држава за пример, бидејќи сега сите зборуваат за „Медена земја“, сите се одушевени од филмот и сите, како и вообичаено, имаат што да кажат. Но, какво е всушност неговото влијание врз целата оваа наша небулозна ситуација во која што живееме? Во филмот силната порака испратена преку она многудетно семејство кое доаѓа во селото Бекирлија и ја нарушува природната рамнотежа, се состои токму во тоа дека ако не ги почитувате правилата и ако немате никаков однос кон живиот свет околу вас, морате да одите понатаму затоа што самите го уништувате изворот и можностите за понатамошниот опстанок (вкучувајќи го и сопствениот), воопшто.

Сепак, изгледа дека никој тоа не го поврзува со вистинската реална ситуација во која живееме. Алчноста, кажано многу јасно и гласно, ја сече гранката на која седите (и самите вие, а не само оние за кои не ви е гајле). Оној што ја сака својата земја и сака во неа да продолжи да живее во мир и хармонија, како што за тоа е сосем свесна мудрата Атиџе, тогаш ги почитува нејзините закони, а оној на кого му е важен само сопствениот профит, тој не и мисли добро на земјата, ниту пак на своите потомци, затоа што уништувајќи ја неа ги уништува можностите за живот во неа за сите оние кои овде живеат (како сега, така и во иднина). Не случајно ние ја губиме државата и се повеќе се иселуваме, бидејќи алчноста ги уништи условите за нормален живот и него мораме да го бараме на друго место. Дали мислите дека во аплаузите за филмот во нашата земја некој ја направи таа споредба, која е толку јасна и очигледна???

Навистина извонреден филм и како што препозна фестивалот во Санденс, многу значаен токму заради денешната актуелна состојба – кога човекот сѐ помалку живее во дослух со природата и природните закони. Наградата за општествени промени не е ни малку случајна, бидејќи освен што ова е инспиративен и фасцинантен филм, тој во себе ја има таа неверојатно силна освестувачка порака, но за оние кои тоа не сакаат да го видат сѐ се завршува со фенси настани и сликања, и за жал истите „стари“ бесмислени ситуации кои ги уништуваат сите можности за живот, додека некој мисли дека е најпаметен и дека е најважно да профитира.

„Медена земја“ е скапоцен филм, филм кој самиот се испишува, бидејќи е толку вистинит, толку едноставен, толку реален, толку болен и прекрасен истовремено, толку суров и топол, носејќи нѐ на изворот на суштината. Атиџе и самата е феномен во денешниот свет, затоа што успева да остане надвор од било какво искушение, од било какви влијанија, затоа што едноставно знае и умее да го почитува животот, како својот, така и на сите суштества на планетата. Таа е толку искрена, отворена, топла, човечна, позитивна, ведра, секогаш подготвена да помогне, подавајќи му рака на секого и лутејќи се поради алчноста, но не заради себе, туку поради нарушувањето на рамнотежата во природата, која значи смрт.

Таа е тажна поради неразумноста на семејството, но не затоа што неа ја повредиле или не го почитувале тоа што им го кажала, она на што ги предупредила, туку поради последиците во тој прекрасен свет со кој е опкружена, кој умее да и даде толку, но и таа нему. Таа хармонија на универзумот едноставно е испишана во оваа неверојатна жена, која е несреќна заради нечија незрелост и неразбирање, но не и заради тешкиот живот, бидејќи тоа едноставно се природни закони.

Секоја чест за Тамара Котевска и Љубо Стефанов кои успеаја да ја препознаат оваа приказна и на таков неверојатен начин да ни ја раскажат. Тие на волшебен начин успеваат да ја доловат суштината во тишината на тој безвремен пејзаж, без оглед дали е питом или суров, во разговорот на Атиџе со себе и со живиот свет околу неа, во оној неверојатен начин на кој ја разбира природата, ја слуша и ѝ возвраќа, во нејзината радост од самиот живот, во нејзината посветеност да и донесе малку среќа и љубов на нејзината мајка, во нејзината грижа за хармонијата во која со сета нејзина мудрост го гледа животот. Во Атиџе, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, нема ни ронка алчност, таа не бара повеќе, уживајќи во секој миг на своето „едноставно“ битисување кое и ја носи среќата и задоволството во сите оние мали мигови, дарови на природата, кои таа со целата своја филозофија и ги враќа на природата и им ги подарува на другите околу неа.

Навистина е извонредно како авторите успеваат да ја доловат големината на оваа приказна, следејќи го нејзиниот толку реален и природен тек (без никаква мегаломанска потреба во неа да интервенираат и да ја нарушат), денес кога малку кој има слух за такво нешто. Нивната одлука на никаков начин да не го изменат природниот тек на работите, токму онака како што тоа го прави Атиџе, резултира со импресивни слики ( за кои секако се заслужни и снимателите Фејми Даут и Самир Љума, кои исто така добија награда на Санденс), кои потсетуваат на безвременоста ткаена во делата на Моне или Вермер, чии ремек-дела успеваат да го фатат не само животот, туку мигот, емоцијата, расположението, копнежот, грижата, неизвесноста, стравот, сегашноста и иднината. Во филмот има сцени кои можат да се споредат со платната на големите мајстори, бидејќи успеваат толку искрено, со такво чувство и наслушнување да допрат до природата, но не само онаа видлива природа и нејзини пејзажи, туку нејзиниот говор со протагонистите стопени во него, со оние кои умеат од него да ја црпат силата и истата да му ја вратат во најизворната форма. „Медена земја“ не е само филм, тој е рефлексија која е совршена исто како и природата, бидејќи успева со неа да се сплоти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот