Еднократната помош не беше доволна за излез од „сивата“ зона

Фото: Драган Митрески

Македонија е една од ретките земји во Европа, која вовела мерки за директна помош на неформалните работници, обезбедувајќи парична помош за домаќинствата и енергетски додаток, како и платежни картички во Четвртиот пакет мерки, индиректно таргетирани преку пасивните баратели на работа.

Според  Анализата на ефектот од ковид-19, врз работниците, кои се дел од неформалната економија и привремено вработените работници, изработена од истражувачите на невладината Аналитика“, во земјите од регионот и во земјите од светот, не постојат мерки директно насочени кон неформалните работници (само Албанија и една мерка во Македонија), иако речиси сите земји од регионот се со висок процент на неформална економија.

-Неформалните работници во најголем дел можеле да почувствуваат индиректен ефект од мерките на централната власт. Дел од неформалните работници, како пасивни баратели на работа, се опфатени со мерката за платежни картички во Четвртиот пакет мерки и со мерката ваучери за домашен туризам – образложуваат аналитичарите.

Експертите велат дека дел од работниците во неформалната економија, кои како последица од  пандемијата почувствувале намалување на нивниот животен стандард, преку различни канали кои им стоеле на располагање се обиделе да бидат корисници на некоја од мерките на Владата (на пр. да се регистрираат како официјално невработени).

-Со едноставна споредба на бројот на загубени работни места во кризниот период (17.810 работници) со бројот на зголемување на невработеноста (54.692 лица), може да се констатира дека станува збор за околу 36.882 лица кои во изминатиот период воопшто не биле регистрирани како невработени, а сега се пријавиле во евиденцијата на невработени – посочуваат од Аналитика.

Овие констатации се совпаѓаат со претпоставките дека токму можноста да добијат дел од државната помош, го зголеми бројот на пасивни баратели на работа. Имено во првите пет месеци од 2020 година, нивната бројка се движела околу 86.000 лица, а во јуни 2020 година, се намалила за 4.000 лица. Намалувањето на бројот на пасивни баратели на работа, траело се до ланскиот октомври, кога повторно почнало да расте, а трендот не запрел. Повеќето владини функционери, а и директорот на Агенцијата за вработување, толкуваа дека поголемата регистрација на лица кои не бараат активно работа е затоа што во Четвртиот економски пакет беше предвидена помош и за нив.

Бидејќи, државата во другите пакети не продолжи со мерките за активните и пасивните баратели на работа, дел од нив „заборавија“ на обврската редовно да се пријавуваат во Агенцијата за вработување. Во април, беа избришани 48.000 невработени, бидејќи го пропуштиле рокот. Најголем дел од нив, 32.000 беа пасивни баратели, односно лица за кои се претпоставува дека работеле на црно и воопшто не барале работа. 

-Активните баратели на работа мора да се евидентираат еднаш месечно, а пасивните, на секои шест месеци. Според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, тие се бришат од евиденцијата и со тоа ги губат правата што ги имаат врз основа на тој статус. Избришаните од евиденцијата, освен што нема да можат да ги користат  поволностите од активните програми за вработување, нема да можат да се пријавуваат во Агенцијата, како невработени една година, а ќе ги изгубат и правата што ги користат врз основа на невработеност – предупредија од Агенцијата за вработување.

Кои се неформални работници?

Самовработени лица кои работат во нивните нерегистрирани субјекти, работодавачи вработени во сопствени нерегистрирани субјекти, членови на домаќинства кои работат во субјекти во формалниот сектор и во неформалниот сектор, работници кои неформално работат во субјекти во формалниот сектор и во неформалниот сектор. Во 2019 година во категоријата неформално вработени спаѓале 128.026 лица (16,1 отсто од вкупниот број на вработени). Најголем број неформални работници има во земјоделството – 52 отсто, потоа во градежништвото и трговијата на големо и мало.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот