Една од најголемите лаги што ги продаваат СДСМ и ДУИ е дека сме почнале преговори за членство во ЕУ, вели Николовски

„Прво мора да знаеме каде сме, а после да го бараме решението. Во моментов за жал ние сме во многу лоша позиција, затоа што бројни позиции кои што се градеа наназад со децении и тоа не само од осамостојувањето на Македонија туку и претходно во рамки на претходната држава, бројни позиции кои што се градеа и од македонската држава и од македонската дипломатија, и од македонската лингвистика ако сакате трајно се нарушени во последниве години, и тоа е почетната точка. Веќе Македонија не почнува од нулта точка, туку почнува од минус. По мене, клучно е да се подобри перформансот дома, за да бидат убедени клучните земји членки на ЕУ дека Македонија заслужува да почне преговори за членство во ЕУ и да стане членка“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „10 минути“ на „ТВ21“.

Тој додаде дека „неколку значајни земји членки на ЕУ мислат дека Македонија се уште не е спремна да почне преговори за членство“.

„Јас стојам на она што сум го кажал 2018-та и сега 2023-та година – неколку значајни големи земји членки на ЕУ мислат дека Македонија не е спремна да почне преговори. И ова им е само добар изговор и се кријат позади Бугарија. Македонија не преговара, таа лага и тој меур од сапуница го разоткри бугарскиот министер за надворешни работи кој што прашан од ваши колеги новинари за тоа дали Бугарија ќе ги блокира преговорите на Македонија за членство во ЕУ, рече: Ние нема што да блокираме, тие сѐ уште немаат започнато преговори за членство во ЕУ. Преговори Македонија со ЕУ нема и тоа е една од најголемите лаги кои што се продаваат во јавноста, во моментов се случува скрининг и тоа е тоа. Ама скрининг се случува трети или четврти пат и можам да ви набројам најмалку трипати претходно кога истиот скрининг се случува“, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека бројни политичари му рекле дека од Владата не бараат никаква помош и не реагираат за проблемот кој што го има Македонија со Бугарија.

„А, Македонија е и на 111-тото место по перцепција за корупција според Транспаренси Интернешнл“, рече Николоски.

Тој се осврна и на уставни промени и нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дециден и јасен дека уставни промени нема да дозволи.

„Нашиот став е јасен, значи промена на Устав под овие околности нема, во рамки на овој парламентарен состав нема. Затоа што ние кога се кандидиравме за пратеници во 2020-тата година ниту ние, ниту било кој друг пратеник кој што е избран во македонското Собрание ветуваше уставни измени. Дополнително власта нека си мисли, СДСМ и ДУИ нека му ја мислат што ќе прават, затоа што прифатија договор со услов кој што не можат да го реализираат“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот