Една изборна единица, шанса за сите партии

Ќе ја добијат ли помалите политички партии својата шанса да имаат пратеник во Собранието, а граѓаните можноста да го изберат својот кандидат наместо да гласаат за пратеничка листа која ја крои лидерот на партијата? Како што се зборува во политичките кругови, од партиите се очекува во следните неколку дена да отворат дебата за ова прашање и да донесат конечен став дали се за или против отворени листи и помал број изборни единици. Засега, единствено владејачката СДСМ и нејзиниот коалиционен партнер ДУИ се изјаснија дека ќе ги поддржат измените на изборниот модел, но кога станува збор за најголемата опозициска партија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откри дека неговата партија сè уште нема конечен став за ова прашање, но посочи дека тој има фаворит за изборен модел.

– Постојат повеќе опции. Можно е да имаме една изборна единица, можно е да имаме три, можно е да имаме шест. Ќе го анализираме сето ова и ќе ја запознаеме јавноста, но секако тоа што ќе го понудиме ќе биде во интерес на народот. Ова значи дека можеме да дискутираме и за отворени листи, да има изборен праг. Има повеќе модели за кои можеме да размислиме, мој личен став е дека 120 изборни единици е интересен модел – рече Мицкоски.

Помалите политички партии од земјава јасно застанаа на страната за промена на изборниот модел. Политичката партија „Глас за Македонија“ на Солза Грчева испрати соопштение до јавноста во кое се вели дека во земјата треба да се има една изборна единица со пропорционален модел, со отворени листи за пратеници и со низок изборен праг.

„На тој начин, помалите партии нема да ги губат, односно со Донтовиот модел дури и да ги подаруваат своите гласови на поголемите партии. Второ, да се промени начинот на финансирање на партиите. Оној кој е сега на сила, ги исцрпува сите пари од буџетот во полза на големите четири партии во парламентот“, наведено е во соопштението.

Сличен став беше искажан и во соопштението на ЛДП каде што се вели дека големите партии нема да загубат ништо со промените кои треба да се направат, но помалите партии ќе добијат многу затоа што ќе бидат многу понезависни доколку влезат сами во парламентот.

„Како што предлагаме ние, без цензус, со природен праг и со една изборна единица сите граѓани и интересни групи соодветно ќе бидат репрезентирани и застапени во парламентот. Некои идеологии можеби нам нема да ни се допаѓаат, порадикални, поекстремни, меѓутоа ако имаат поддршка кај граѓаните, тие треба да бидат во парламентот и да ги бранат ставовите на оние коишто ги гласале“, велат од ЛДП.

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, пак, вели дека најисправно би било доколку целосно се отстрани цензусот затоа што, како што посочува, така најреално во Собранието ќе влезат онолку пратеници колку што гласале гласачите.

– Така нема да има злоупотреба на гласовите од помалите партии од страна на поголемите партии. Сè друго би значело кратење на демократијата или би било изигрување на демократијата – вели Поповска.

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во интервју за „Радио Слободна Европа“ објаснува дека кога Македонија би била една изборна единица, тогаш составот на парламентот би бил реален одраз на волјата на граѓаните.

– На овој начин дефинитивно ќе се урне, ќе се демонтира еднопартискиот систем, затоа што во овој систем партијата што ќе ги добие изборите одлучува за сè или лидерот на партијата, кој воедно станува премиер. Таков е системот што целокупната власт е во премиерот, затоа што мнозинството пратеници се од партијата што е на власт, и влијанието на другите партии, па и на граѓаните е апсолутно минимално или небитно – вели Трајанов.

И помалите албански партии сметаат дека легитимитетот и тежината на идните избрани пратеници ќе се зголеми ако се отворат листите и ако се намалат изборните единици.

Од Алијансата на Албанците на Зијадин Села велат дека со помалку изборни единици помалите партии во иднина нема да зависат од никого, ниту, пак, ќе бидат принудени да влегуваат во коалиција со големите партии.

И Алтернатива на Африм Гаши смета дека од отворените листи ќе имаат корист помалите партии.

„Во неколку наврати сме изјавиле дека поддржуваме отворени листи бидејќи го подобруваат квалитетот на понудата пред граѓаните и овозможуваат значително подобро застапување во законодавниот дом“, соопштија од Алтернатива.

Темата за промена на изборниот модел минатата недела ја актуализираше претседателот Стево Пендаровски, кој ја поддржа иницијативата на неколку политички партии за намалување на бројот на изборни единици и отворени листи. Воведувањето на отворени листи и Македонија да биде една изборна единица беше и предизборно ветување на владејачката СДСМ и коалицијата.

Арсовски: Еднакви шанси за сите партии

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски објаснува дека за помалите партии новиот изборен модел ќе значи поголема можност за влез во Собранието, особено затоа што сегашниот предлог вклучува намалување на прагот за влегување во Собрание.

– Сведувањето на само една изборна единица е правилниот потег. Единствен проблем би можел да се појави доколку се отворат партиските листи, бидејќи тоа практично значи дека 120 кандидати ќе се појават на секоја поединечна листа. Потоа, ако ги натерате гласачите да бираат помеѓу тие 120 кандидати, тогаш може да се усложни и да се искомплицира самиот процес на гласање – вели Арсовски.

Тој објаснува дека гласовите кои партиите ги губат со сегашниот изборен модел се гласови под прагот за избор на еден пратеник, а тоа кај јас, како што вели, во просек изнесува околу 7.000 гласа.

– Теоретски, една партија може да има по 6.000 гласа во шест изборни единици, или вкупно 36.000 гласа, а сепак да не освои ниту еден пратеник. Најстрашното е тоа што изборните единици по бројот на гласови не се еднакви, а тоа значи дека гласот вреди повеќе во изборна единица со помалку жители отколку во изборна единица со повеќе жители. Па така, на едно место за 20 пратеници можат да гласаат 300.000 жители, а на друго место 170.000 жители – објаснува Арсовски.

Проблемот не е од сега

Најкарактеристичен пример за пропаѓање на гласовите беа парламентарните избори од 2011 година, кога помалите партии што не влегоа во парламентот освоија над 100.000 гласа. На тие избори, ВМРО-НП освои над 28.000 гласа, а не освои ниту едно пратеничко место, додека, пак, Националната демократска преродба со 1.500 гласа и повеќе доби двајца пратеници поради тоа што нивните гласови беа сконцентрирани само во една изборна единица. Нова демократија на тие избори освои речиси 20.000 гласа, Обединети за Македонија над 17.000, а ЛДП освои 16.500 гласа, но ниту една од овие партии не доби пратеничко место. Слично беше и на изборите во 2014 година кога ВМРО-НП освои скоро 17.000 гласа, но повторно не доби пратеник. На тие избори ГРОМ освои 31.600 гласа, но доби само еден пратеник, додека ДПА со двојно повеќе гласови од ГРОМ доби 7 пратеници.

Во 2016 година, коалицијата ВМРО за Македонија освои 24.000 гласа, Левица над 12.000, а Коалицијата за промени и правда над 10.000 гласа, но не освоија ниту едно пратеничко место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот