Една изборна единица – повеќе различни идеи

Големите партии никогаш нема да иницираат промена на изборниот модел. Исклучок од ова е СДСМ, која уште претходно јавно бараше една изборна единица и се обврза на овој чекор како програмска цел уште во програмата од 2016 година. Иако иницијативата за законските измени беше поднесена од помалите партии, СДСМ ја поддржа.

Доколку предвидените рокови околу изборите останат непроменети, 12 февруари е последниот работен ден за овој пратенички состав. Во преостанатиот период, Владата и парламентарното мнозинство ќе се обидат да „исчистат“ што е можно повеќе точки од законодавната агенда.

Но, со извесниот датум за распуштање на Собранието дури и наједноставните закони стануваат предмет на политичко тактизирање и кампањска полемика. Кој било закон во редовна постапка може да биде ефективно спречен преку едноставно развлекување на комисиските дискусии. Ова е од особено значење кај законите кои нудат поинакви системски решенија и кои претставуваат голем залак од реформскиот колач.

Измените во Изборниот законик се таков залак. Предлог-законот е поднесен од пратеници од помалите партии во владеачката коалиција и е поддржан од СДСМ. ДУИ смета дека не е време ниту да се дискутира за промени во изборниот модел, став кој првично го делеше и ВМРО-ДПМНЕ. Откако ДУИ, преку поднесување на околу 5.000 амандмани успеа да спречи каква било ефективна дискусија по Законот, ВМРО-ДПМНЕ, не сакајќи да биде перцепирана како партија која ја спречува оваа дискусија, го омекна ставот и рече дека сепак е подготвена да разговара. Но нивниот став е непроменет – тие се залагаат не за една изборна единица, туку за 80 различни изборни единици.

Факт е дека отворање на ова прашање пред изборите по секоја цена, односно само преку инсистирање на пратеничката група предводена од СДСМ, може да ги загрози и останатите закони кои треба да бидат усвоени пред распуштање на Собранието. Оваа состојба спречува реална можност за решавање на овој проблем пред 12 февруари, па најверојатно и овие парламентарни избори ќе бидат спроведени со досегашниот модел. Тоа значи уште четири години доминација на големите партии и уште четири години коалициски калкулации.

Но, тоа не значи дека овие години беа залудни – никогаш досега волку гласно не се говорело за потребата од една изборна единица и за првпат, мнозинското јавно мислење ја поддржува таа идеја. Ова не значи дека идната влада по секоја цена ќе се ангажира за брзо решавање на проблемот.

Измените на изборниот модел не им одговараат на големите партии. Секоја можност еден ист кандидат за пратеник да добие гласови од целата територија на државата ги зголемува шансите за избор на тој кандидат, но го намалува бројот на пратенички места за кандидатите од листите на големите партии. И ова е само едната страна од паричката на проблемите на големите партии во изборен систем со една изборна единица.

Втората страна е страната на предизборното и постизборното коалицирање и страната на програмската политика. Доколку помалите партии и независните кандидати знаат дека не можат да ги изгубат своите гласови поради нивното распределување во повеќе изборни единици, тогаш тие полесно ќе се одлучат за самостоен настап во предизборната трка. Тука лежат вистинските демократски придобивки на овој концепт – иако предизборните коалиции можат да бидат одлучувачки за бројот на пратенички места, постизборните коалиции се клучни за програмската политика – за приоритетите на новата влада. Сегашната коалиција е совршен пример за ова.

По изборите во 2016 година, ДУИ има само 10 пратенички мандати. Во самата пратеничка група, предводена од СДСМ, имаше многу повеќе од 10 пратеници кои технички не беа дел од СДСМ. Сепак, ДУИ има повеќе министри и раководни позиции од другите и најважно од сè – програмските приоритети на ДУИ се на повисоко место во владината агенда од приоритетите на другите. Причината за ова е логична и едноставна – преку предизборното коалицирање приоритетите се договараат на ниво на изборна програма или платформа. По изборите, страните кои учествуваат во преговорите за формирање на влада учествуваат во многу порамноправни услови. Дури и една партија да има само два пратеника, доколку на мандатарот му недостигаат само два гласа за да направи влада – тогаш тие се многу важни два пратеника и можат многу погласно да бараат нивните програмски приоритети да бидат ставени повисоко на владината агенда.

Големите партии го знаат тоа. Ако им дадат можност на помалите партии да бидат ефективни, тие партии ќе имаат повеќе гласови на следните избори, од кои дел ќе бидат одземени од контото на големите партии. Знаат дека секојдневното институционално работење ќе биде покомплицирано поради поголемиот број актери и дека тоа ќе ја намали ефективноста на партиските механизми кои традиционално се користат во македонскиот политички живот. И знаат дека повеќе нема да може да се прават меѓупартиски договори во четири очи и значајните државни прашања да се решаваат на зелена маса со четворица учесници, далеку од очите на јавноста.

Затоа, големите партии никогаш нема да иницираат промена на изборниот модел. Исклучок од ова е СДСМ, која уште претходно јавно бараше една изборна единица и се обврза на овој чекор како програмска цел уште во програмата од 2016 година. Иако иницијативата за законските измени беше поднесена од помалите партии, СДСМ ја поддржа.

Затоа, разумно е да се очекува дека другите партии кои пред овие избори ќе коалицираат со СДСМ ќе го постават ова прашање многу поприоритетно и пообединето досега, што ќе ја притисне и СДСМ да го третира ова прашање уште на почетокот на следниот мандат. Тоа е единствениот начин како на изборите по овие, можеме да имаме една изборна единица и навистина рамноправен терен за демократски натпревар на различните политички идеи, каде приоритетите ќе бидат државнички, а не партиски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот