Една изборна единица извиси од владината програма

Локални избори во Северна Македонија / 16 октомври 2021 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Измените на изборниот модел вчера требаше да ги разгледуваат претставници на помалите парламентарни партии, откако во новата владина програма не е прецизно наведено дали идниот премиер планира измени на Изборниот законик во делот на изборниот модел.

Помалите коалициски партнери до сабота, пред почетокот на седницата за избор на новата влада, ќе решат дали ќе дадат поддршка за владината програма и за министрите, вели за „Слободен печат“ претседателот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов, откако претходно ќе анализираат дали нивните програмски определби се вградени во владината програма. Тие преку Собранието ќе вршат притисок за измена на изборниот модел, откако тоа нивно барање не се најде во новата програма, а беше услов на т.н. мали партии во владејачката коалиција за гласање на предложениот нов состав на владата од мандатарот Димитар Ковачевски.

Токму за измените на изборниот модел вчера требаше да има средба меѓу претставници на помалите парламентарни партии. Средбата доаѓа откако во новата владина програма не е прецизно наведено дали Ковачевски планира измени на Изборниот законик во делот на изборниот модел. Во програмата на новата влада во делот „Владеење на правото и добро управување“ само во една реченица се споменуваат измени на Изборниот законик, и тоа според препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но не е стриктно наведено дали ќе има промена на изборниот модел.

„Владата останува посветена на процесот за реформа на изборното законодавство, при што ќе бидат вградени и препораките на ОБСЕ, ОДИХР, невладините организации, а со цел да се обезбедат услови за фер и демократски избори и рамноправни услови за политички натпревар“, пишува во програмата на Владата.

Интересно е дека пред тој пасус јасно е наведено барањето на партијата Алтернатива за монтираните судски случаи. Во програмата пишува дека:

„Владата ќе се обрати до Европската комисија со барање да се обезбеди тим од независни експерти, кои ќе извршат меѓународен мониторинг на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било извршено политичко влијание, какви што се Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир и други“. Го има и барањето на партијата на Африм Гаши за развој на Липковскиот Регион.

– Со другите помали парламентарни партии денеска ќе ја анализираме програмата на Владата и ќе видиме каква стратегија ќе заземеме. Ќе испратиме писмо и до претседателот на Собранието да ја свика седницата за измени на Изборниот законик за да се отвори и јавна расправа. Нашето барање е јасно – да има една изборна единица, пропорционален изборен модел и да нема изборен праг, но за изборниот праг може да се разговара. Ќе видиме кои од програмските приоритети на помалите партии се вградени во владината програма и тоа може ќе влијае врз одлуката за гласање на владата. До сабота, кога е седницата, ќе имаме заеднички усогласен став – вели Трајанов.

Дали промената на изборниот модел може да ја доведе во прашање поддршката на новата влада, ќе зависи од позициите на помалите партии ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-Народна, Левица, партиите на Турците, кои го поддржуваат тоа барање, односно дали ќе изградат заеднички став дали ќе гласаат за владата на Ковачевски. Станува збор за 6-7 пратеници, без кои тешко ќе се обезбеди мнозинство во Собранието.

Претседателката на ДОМ Маја Морачанин вели дека ќе ја анализираат владината програма.

– Мислам дека министрите ќе можат да ги извршуваат обврските за кои се назначени и дека ќе ги реализираат очекувањата на граѓаните, дека институциите поефикасно ќе функционираат и дека ќе има поголема одговорност за да се постигнат резултатите што сакаме да ги постигнат. Најважно е да има резултати – вели Морачанин.

Во владината програма го нема барањето на ДОМ за ново министерство за клима и енергетика, но вградено е барањето на ЛДП за легализација на криптовалутите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот