Една изборна единица и ниедна предизборна коалиција

Локални избори 2021 / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Секој сам треба да излезе на избори и во зависност од резултатот да се прават постизборни коалиции. Јас не гледам друг излез од оваа состојба, бидејќи очигледно малите партии ја кројат судбината на сите граѓани, а реално тоа не е резултат на довербата што ја добиле од граѓаните, смета Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК – категоричен е Новаковски.

Македонија да биде една изборна единица со пропорционален модел, без изборен праг и со отворени листи – тоа е барањето кое помалите партии ДС, ДОМ и ЛДП требаше да го актуелизираат денеска на средба во Собранието. Тие ќе побараат спикерот Талат Џафери да ги стави на комисиска расправа измените на Изборниот законик во делот на изборниот модел, кои веќе подолг период се заглавени во парламентот.

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, и лидерката на ДОМ Маја Морачанин сметаат дека измените на изборниот модел треба да бидат приоритет на новата влада и по нејзиното формирање тие да се донесат до средината на јануари.

Поранешниот генерален секретар на Собранието и експретседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски смета дека треба да се смени изборниот модел во една изборна единица, но со праг од 3 отсто. Така, според него ќе се избегнат многу аномалии – пазарења, коалиции, уцени – од досегашниот начин на избори борба за власт.

– Се покажа дека малите партии, без разлика на програмските цели и на идеолошките матрици, прават концепт за да се приклучат кон партијата која сметаат дека ќе ги добие изборите за да бидат присутни на политичката сцена. Решението е да се оди со една изборна единица, со отворени листи и да има цензус. Без цензус сметам дека дополнително ќе се искомпликува состојбата. Со ова ќе се намали притисокот и врз поголемите партии бидејќи реално ќе биде одмерена силата на партиите, а со тоа ќе има и објективна слика за нивната тежина на политичката сцена, за влијанието кое би го имале и за довербата на граѓаните – вели Новаковски.

Тој предлага да се забранат предизборните коалиции.

– Можеби звучи недемократски, но имајќи предвид што ни се случува, а последен пример е случајот со Алтернатива, сметам дека секој сам треба да излезе на следните избори и во зависност од резултатот на изборите да се прават постизборни коалиции. Јас не гледам друг излез од оваа состојба, бидејќи очигледно малите партии ја кројат судбината  на сите граѓани, а реално тоа не е резултат на довербата што ја добиле од граѓаните – категоричен е Новаковски.

Како пример ги наведува последните локални избори на кои министер се кандидира за градоначалник, но со друга партија од власта и Алтернатива која ќе биде дел од власта, а на локално ниво коалицираше со опозициска партија.

– Ова не е лошо, но ние не сме на тој степен на политичка култура. Затоа треба да се забранат предизборни коалиции. Алтернатива воопшто не ги презеде чекорите во интерес на државата, туку за сопствен интерес и за лични амбиции. Кај нас еден преседан предизвикува многу последователни во иднина и затоа мора да се стави крај на несоодветната и непримерна застапеност во највисоките ешалони на власта. А тоа може да се направи преку измени на Изборниот законик, односно со една изборна единица, отворени листи и со цензус од 3 отсто – смета Новаковски.

Иако една изборна единица и отворени листи беше предизборно ветување на СДСМ, прашањето остана блокирано во Собранието бидејќи немаше консензус од поголемите партии. Неизвесно е ни дали Џафери сега ќе ги стави измените на комисиска расправа, бидејќи последниот негов став во мај годинава беше дека една изборна единица за избор на пратеници е несоодветен модел за Македонија. Тој тогаш не образложи зошто. Претходно и Владата не даде позитивно мислење за измени на Изборниот законик, со цел промена на моделот за парламентарни избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот