Една година на ЈП „Дрисла” под Град Скопје: Долгот од 175 милиони денари, сведен на 90 милиони, од 156 фирми, се должи на 30

Фото: mia.mk

ЈП „Дрисла” по една година откако се врати во надлежност на Град Скопје, прерасна во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните, соопштуваат од Град Скопје.

Од Град Скопје соопштуваат дека во релативно краток период и во кризна година поради пандемијата од ковид-19, ЈП „Дрисла” успешно се справила со предизвиците и приоритено ја консолидираше финансиската состојба на депонијата.

– Затекнатиот долг од околу 175 милиони денари, за една година го намали на околу 90 милиони денари, односно долгот кон 156 фирми сега е сведен на долг кон 30 фирми. На почетокот од 2020 година, ова претпријатие имаше побарувања од околу 100 милиони денари, а на почетокот од годинава има побарувања од околу 128 милиони денари, се наведува во соопштението на Град Скопје.

Оттаму посочуваат дека откако повторно е во надлежност на Градот, ЈП „Дрисла” набавила нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет.

– Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето. Новиот стерилизатор е со капацитет од 2.000 литри и може за еден час да третира 350 килограми отпад што ги задоволува дневните потреби на депонијата. Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер што го намалува до 80 отсто неговиот волумен, со сува вакуум пумпа што придонесува за заштеда на потрошувачката на вода и до 98 отсто, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината, информираат од Град Скопје.

Додаваат дека за една година, градежните машини со кои располага и кои се во сопственост на претпријатието се комплетно сервисирани во сервисот на претпријатието и се повторно вратени во употреба за тековно извршување на активностите во депонијата, а со самото тоа се заштедени големи финансиски средства кои претходно се користеа за изнајмување на машини.

Претходно, како што наведуваат, овие градежни машини неколку години не се употребуваа поради големи дефекти и претпријатието работеше со изнајмени машини.

Старите и дотраени теренски возила се заменети со нови три теренски возила, неопходни за непречено движење по пристапните патишта до депонијата кои се тешко проодни со лесни моторни возила.

– По десет години комплетно се отворени и дренажните канали околу целата депонија, потенцираат од Град Скопје.

Оттаму посочуваат дека за редовно мерење на амбиенталниот воздух, а со цел намалување на трошоците на изнајмување на мерна станица, набавена е нова мерна станица за амбиенталниот воздух со автоматско ажурирање на податоците на една минута, а продолжена е и важноста на А – интегрираната дозвола.

– Воведен е нов софтвер за дигитализација на деловните процеси и на процесите за третман на отпадот на депонијата согласно со европските стандарди. Поставен е нов систем за видеонадзор, со што целата површина на депонијата е комплетно покриена со камери, со што се овозможува целосен мониторинг на функционирањето на претпријатието. Пуштено е и улично осветлување на целата површина на депонијата, со што се овозможува непречено извршување на работните задачи на вработените во трета смена. После 9 изгубени години, со повторното преземање на депонијата Дрисла од Град Скопје е решен долгогодишен комунален проблем на граѓаните. За една година, ЈП Дрисла стана современа депонија согласно со европските стандарди, а нејзиниот развој и модернизација со несмален интензитет ќе продолжат и во текот на оваа година, информира Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот