-4 C
Скопје

Контроверзна и незаборавна, имала страшно детство, стотина љубовници, а од скршеното срце никогаш не се опоравила

Надбускупот на париската црвка ја прогласил за „категорична грешница“ и ѝ оневозможил погребна миса. Над сто илјади обожаватели излегле на улицата за време на нејзиниот погреб, кој за првпат, по Втората стветска војна, потполно го стопирал сообраќајот во Париз.

Иако за неа се напишани бројни биографии, нејзиниот живот и понатаму останува мистерија.

Големата француска шансониерка Едит Пјаф се родила во 1915 година во Париз. Нејзиното вистинско име било Едит Џована Гасион, а била крстена по британската болничарка Едит Кавел која во Првата светска војна била убиена бидејќи им помагала на француските војници да побегнат од германското заробеништво.

Израснала во уметничко семејство, таткото на Едит бил уличен акробат, а мајка ѝ, Анета Џована Мелар, која по потекло била Италијанка, била пејачка која настапувала под името Лин Марса. Надевјаќи се дека ќе направи кариера надвор од кафеаните, а била зависничка од дрога, Анета го оставила сопругот и Едит, веднаш по раѓањето на Едит. Затоа, таткото на Едит прво ја дал на чување кај баба ѝ, мајката на Анета, но кога видел дека таа лошо се грижи за неа, ја дал на чување кај мајка му, Луиза. Луиза била сопственичка на бордел, па така Едит растела во борделот опкружена со проститутки. Сепак, подоцна таа ќе рече дека од нејзината баба Луиза имала само убави спомени.

профимедиа

Кога наполнила 10 години, татко ѝ ја земал со него да пее, а бидејќи убаво пеела настапувале на улиците низ Париз. На Едит ѝ се допаднал таков живот, сепак на 14-годишна возраст го оставила татка си, се вработила како слугинка, но таа работа брзо ѝ здодеала и повторно се вратила на улица, сама. Пеела во кафеани, на париските плоштади, се забавувала со пријателката Симон Берто, со која до крајот на животот останала блиска, запознала многу мажи…

На 17-годишна возраст првпат се вљубила во ѕидарот Луј Дипон и од него забременила. Бидејќи родила ќерка, сите тројца некое време живееле во изнајмен стан заедно со Симон, но Едит не можела да се смири. Набргу ја оставила ќерката и продолжила да талка по париските улици и да пее каде што може.

На двегодишна возраст нејзината ќерка починала од менингитис. Смртта тешко ја погодила Едит која си префрлала себеси дека тоа немало да се случи ако се грижела за неа, а урбаната легенда вели дека се проституирала за да дојде до пари за погребот на ќерката. Иако во текот на животот понатаму безброј пати се вљубувала, никогаш немала деца.

профимедиа

Нејзиниот извонреден талент бил откриен во 1935 година кога настапила во ноќниот клуб Le Gerny, каде го заработила славниот надимак  “La Môme Piaf”малечко врапче. Оттука го добила и презимето Пјаф.

Уште на првиот настап, неугледна, со само 142 сантиметри висина, облечена во црно фустанче кое сама си го сошила, ја магепсала публиката. Набрзо за неа сушнале париските уметнички кругови па на нејзините настапи доаѓале и славни пејачи, за да ја чујат, како Морис Шеваље и Фернандела. Во 1936 година потпишала договор за да сними плоча, но тогаш бил убиен нејзиниот менаџер Лепле, а за убиството бил обвинет криминалец кој Едит го познавала одамна од улиците. Така, полицијата почнала да се сомнева во Едит, како соучесничка во убиството. На судењето била ослободена, но аферата и донела лош глас, а дискографската куќа се откажала од снимањето плоча. Бидејќи Лепле бил сопственик на локалот кадешто настапувала, по неговата смрт останала и без работа. Повторно почнала да бара работа по клубовите, некое време пеела и во Белгија, но бидејќи таму немала успех, се вратила во Париз.

Прочитајте и...  Го прашале Френк Синатра како да постапите со луѓето кои ќе ве повредат: Неговиот одговор е најдоброто нешто што ќе го слушнете!

Со враќањето во Париз, се запознала и почнала да се дружи со текстописецот Рејмон Ас, во кого се вљубила. Тој ѝ напишал неколку љубовни песни и почнал да се грижи за нејзината кариера. Со негова помош успеала повторно да ја освои париската публика, а набрзо станала позната во цела Франција. Конечно ја снимила и првата плоча, која веднаш се распродала. Но кога во 1939 година почнала Втората светска војна, Ас морал да замине во војска и нивната врска и деловна соработка прекинала.

профимедиа

Едит долго патела поради загубата на Ас, продолжила да пее, а набргу и повторно се вљубила, овојпат во младиот пејач Пол Мерис. Нејзината слава растела и добивала се повеќе ангажмани. Снимила и неколку филмови, а Жан Кокто, францускиот драматург и поет, за неа напишал драма во која ја играла главната улога.

Продолжила да настапува и кога Германците го окупирале Париз, пеела за нив и се дружела со германските официри. И понатаму ги менувала љубовниците со брзина која нејзината публика тешко можела да ја следи. После Мерис, некое време била во врска со оженетиот новинар Енри Конте, потоа со пијанистот Норбер Гланзбер…

По ослободувањето, кариерата не ѝ била уништена поради обвинувањата дека пеела на окупаторот зашто тврдела дека на тој начин им помагала на француските војници да побегнат од логорите. Продолжила да настапува, сама си ги пишувала песните, а подоцна почнала да соработува со бројни композитори, па во 1946 година станала најбарана француска пејачка. Истата година за првпат ја извела песната  „La vie en rose“ која ќе остане еден од нејзините најпрочуени хитови.

Во тие години повторно се вљубила, во младиот пејач Ив Монтан, кому му помогнала во кариерата обезбедувајќи му ангажман во ноќниот клуб Мајфер. Почнале заедно да настапуваат во клубовите, а го напуштила кога заклучила дека нејзината помош веќе не му е потребна. Веднаш нашла нов љубовник, Жан Клод Жобер, пејач на шансони.

Прочитајте и...  ФОТО: Кајли Џенер ја покажа луксузната бања, фановите ја исмејаа поради еден детаљ

Во меѓувреме се запознала со глумицата Марлен Дитрих, која била фасцинирана од гласот на Едит, и станале блиски пријателки до крајот на животот. Веќе следната година била во прегратките и на новиот љубовник – Марсел Сердан, француски боксерски ас, роден во Мароко. Врската ја криеле, зашто Сердан бил женет, но набргу излегла на виделина. Дел од јавноста и замерил што завела оженет маж, додека другиот дел на оваа афера гледал со симпатии.

профимедиа

За Едит Пјаф тоа бил најсреќниот период во животот. Била најголема француска ѕвезда, успешна веќе и во Америка, среќна во љубовта со францускиот спортист кој станал светски првак…Го наговарала Сердан да ја остави жената и да живее со неа, купила прескапа огромна вила во елитна париска населба, каде се сретнувале без да бидат „уловени“ од новинарите. Но тој не сакал да се разведе. Неговата сопруга знаела за врската со пејачката, но поминала преку неверството. Во тоа време Едит напишала неколку песни посветени токму на Сердан од кои најпозната е „Химна на љубовта“.

Среќата не траела долго. Кога следниот пат отишла на турнеја во Америка, се договориле да ѝ се придружи. Тој сакал да патува со брод, а таа го наговорила да дојде со авион за што побрзо да го види, и тој се согласил иако не сакал да лета. Следниот ден Едит дознала дека авионот се урнал и дека сите патници и екипажот починале. Се обвинувала себе за неговата смрт, ништо не можело да ја утеши. Почнала дури да организира спиритуални сеанси за да стапи во контакт со Сердан, а за да се „искупи“ ја повикала сопругата на Сердан и неговите деца да дојдат да живеат кај неа во вилата.

Во тоа време ја изгубила желбата за живот. Се опивала, влетувала во краткотрајни врски, за по извесен период да се вљуби во пејачот Жак Пилс, кој малку пред тоа, се развел со пејачката Лисјен Боже. Неговата љубов дошла точно навреме за да ја спаси Едит од пропаста. Одлучила да се промени и да се смири, да престане да пие и да почне нормално да живее, па затоа и се согласила да се омажи за него.

профимедиа

Се венчале во декември 1952 година во Њујорк, каде што имала неколку концерти распродадени до последно место, а кума ѝ била пријателката Марлен Дитрих. Сепак, мирен живот не ѝ одговарал, после само неколку години побарала развод и продолжила да живее бурно како претходно. Бидејќи постојано пиела, била несигурна кога вози, па по вистинско чудо преживеала неколку автомобилски несреќи, по кои почнала и да зема дрога, а потоа доживеала нервен слом.

Прочитајте и...  Дневен хороскоп за 19 јануари: Се наоѓате во период во кој ќе остварите многу соништа

И организмот ѝ станувал се послаб, двапати заболела од воспаление на белите дробови. Пробала да се лекува и од зависностите, но не ѝ успеало. Сепак, и покрај сите проблеми и болести, продолжила да настапува со „полна пареа“. Снимила уште еден голем хит, Милорд, кој за неа го напишал надарениот млад композитор Жорж Мустаки, кој набргу станал нејзин нов помошник и љубовник. Со него доживеала тешка автомобилска несреќа, на 7. септември 1959 година, но веќе на 18. септември настапила во Њујорк каде поради исцрпеност паднала на бината.

Иако многумина верувале дека кариерата ѝ е готова поради нарушеното здравје, алкохолот, дрогата и несредениот живот, таа постигнала уште еден огромен успех со шансоната ’Non, je ne regrette rien’ (Не жалам за ништо) која верно ја опишала нејзината животна филозофија.

– Не жалам за ништо, ни за добро што ми е направено, ниту за лошо што ми нанесоа, сосема ми е сеедно зашто мојот живот, моите радости, од денес почнуваат со тебе, пеела во песната.

Следната година одржала триумфален концерт во париската Олимпија, а штом дошла зимата, повторно се вљубила, во Теофанис Ламбукас, дваесет години од неа помлад фризер со грчко потекло кому му дала надимак Сарапо. Во октомври 1962 година се венчале.

Едит Пјаф тогаш била доста болна, па се преселиле во природа надвор од Париз, поточно во близина на Кан. Намерувала таму да се излекува, а некое време дури и се чинело дека собрала сила за настапи, меѓутоа заболела од рак на црниот дроб и починала на 10 октовмри 1963 година, на 47 годишна возраст.

Тео Сарапо го завиткал нејзиното тело во покривка и го донел до Париз, за според нејзината последна желба, да биде погребана во родниот град. Ден подоцна, слушајќи за нејзината смрт, од срцев удар починал нејзиниот драг пријател, Жан Кокто.

– На крајот скапо плаќаме за сите лудости кои ги правиме во животот, тоа биле нејзини последни зборови.

профимедиа

На последното испраќање дошле над 100.000 обожаватели кои се собрале пред нејзината куќа и на улиците до гробиштата Пер-Ласеж каде била погребана. Сообраќајот во Париз бил сосема сопрен. А иако сите мислеле дека нејзиниот млад, последен маж, со неа бил поради пари, се покажало дека Едит Пјаф потрошила се што заработила и дека во последната година од животот зајмела пари од пријатели и познаници, а на Тео Сарапо му оставила куп долгови кои уште долго време ги отплатувал.

Поврзани вести

Го прашале Френк Синатра како да постапите со луѓето кои ќе ве повредат: Неговиот одговор е најдоброто нешто што ќе го слушнете!

Слободен печат

Лиам Нисон се откажува од акционите филмови

Слободен печат

Синот на славниот супермодел Стефани Сејмур почина на 24 години

Слободен Печат

ВИДЕО | На 15 години имал мустаќи: Двејн Џонсон го претстави тизер трејлерот од автобиографската комедија „Young Rock“

Слободен печат

ФОТО | Легендарната актерка наполни 99 години: Мажите за мене секогаш беа хоби, иако тие не го знаеа тоа!

Слободен печат

Бен Афлек нема среќа во љубовта: По едногодишната врска убавата Ана го остави актерот

Слободен печат

Остави Коментар