Единаесет руски тур-оператори ќе лансираат програми за зимски туризам во Северна Македонија

Москва / Фото: EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

По најавата за два нови директни летови на руската авионска компанија „Нордвинд“ со кои се поврзаа Москва и Санкт Петербург со Скопје, 11 руски тур-оператори заедно со претставникот на „Нордвинд“ пристигнаа во посета на државава.

Како што соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), руските тур-оператори се од целата територија на Руската Федерација и се заинтересирани примарно за зимски туризам. Со оглед на нивното долгогодишно искуство во туризмот, по нивната четиридневна посета ќе лансираат програми за руски туристи кои ќе опфатат неколкудневен престој во зимските центри. Покрај зимските центри, руските туристи имаат преференца за ено-гастро турите, како и верскиот и културниот туризам, па дел од нивните програми ќе бидат и останатите градови од централниот и западниот дел на државава.

По пристигнувањето во земјава, директорот на АППТ, Љупчо Јаневски пред руските тур-опертатори одржа презентација за туристичките потенцијали и даде препораки и информации што сé би требало да се посети при престојот во земјава.

– И покрај обидите за промоција на домашните туристички потенцијали, во изминатата декада овој пазар бележеше стагнација поради недостатокот на директен лет, но со директното поврзување оваа година, бројот на туристи во првите седум месеци во 2021 година порасна за 299 отсто во споредба со истиот период во 2020 година, додека бројот на ноќевања за истиот период е повисок за 262 процента, наведува
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Агенцијата овој месец ќе почне со промотивни активности на рускиот пазар во соработка со Македонско-руската стопанска комора. Ќе организира презентации пред руски тур-оператори во Москва, а потоа и во Санкт Петербург.

Просечниот престој на руските туристи во земјава изнесува 2,3 дена во текот на првите седум месеци за 2021 година, додека посетите на веб страната Northmacedonia-timeless се покачени за три пати откако е најавена директната линија Москва – Скопје. Интересот на руските туристи генерално е насочен кон гастрономијата и и верскиот туризам, но не е за игнорирање и интересот што овој пазар го има за специјализирани кратки одмори, до четири дена, во Скопје и Охрид.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во наредиот период ќе се фокусира на Русија и Украина како потенцијални пазари за почнување и развој на соработката во однос на туристичката размена, како и на нови директни и чартер линии.

Извор: МИА

Видео на денот