Едиција „Филмософија“: Филмско-филозофско замислување на мирот

Филозофскиот филмски фестивал и Филозофското друштво на Македонија го објавија македонскиот превод на книгата „Замислување на мирот: дијалог за перцепцијата“ на режисерот Вим Вендерс и проф. д-р Мери Зурнази.

Книгата е напишана во два гласа, филмски режисер и професор по филозофија, кои преку нивниот дијалог за мирот го канат читателот на замислување и (ре)осмислување на мирот, давајќи му слика и глас, во свет преполн со насилни и дехуманизирачки слики во и вон екраните. Низ овој дијалог помеѓу филозофијата и филмот, меѓу двајца луѓе од две различни земји и два континента, меѓу две човечки суштества кои се грижат за една заедничка и хумана иднина на светот, почнуваме да ја разбираме важноста на тоа како гледаме на светот, но и улогата која филмската уметност (може да) ја има, истовремено инспирирајќи ги режисерите да се навратат на филмот како на нешто што ја зацврстува, а не избегнува стварноста, низ зборовите на Вендерс. Станува збор за дело кое нуди една нова и свежа перспектива, канејќи нè да влеземе во дијалог и да размислуваме за начините на кои би можеле да придонесеме кон перципирањето и креирањето на мирот преку уметноста и, поконкретно, филмот.

Првото издание на едицијата „Филмософија“ во издание на Филозофското друштво на Македонија е реализирано со финансиска поддршка на Агенцијата за филм. Едицијата ќе објавува дела од областа на филозофијата и естетиката на филмот, како и интердисциплинарни студии, од домашни и светски познати автори.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 59, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот