Еди Рама за ДВ: Ако е предавство да мислиш за иднината, тогаш сум предавник

Еди Рама/ Фото EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Албанскиот премиер Еди Рама во ексклузивно интервју за Дојче веле зборува за отворените прашања во регионот, обвинувањата на негова сметка и значењето на „Отворен Балкан“.

„Убеден сум дека проектот Отворен Балкан ќе преживее, затоа што мора да преживее. И, тоа мора да биде неповратно, засекогаш“, изјави албанскиот премиер Еди Рама во разговор за ДВ по средбата во Белград во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, на која учествуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот вицепремиер Никола Димитров.

На прашањето како гледа на тоа што од Албанија и Косово добива многу критики токму поради проектот Отворен Балкан, Рама одговара: „Ако е предавство да мислиш за иднината, да мислиш за мир, економски раст и соработка, да мислиш за општествена благосостојба и да мислиш и за финално решавање на прашањето на Косово, тогаш јас сум предавник. И, тука нема расправа – предавник и ќе останам.“

„Не велам дека ова е лесно, но спротивното е невозможно“

Рама потврдува дека односите помеѓу Србија и Косово се „суштинско и многу важно прашање“. „Тоа, по природата на нештата, е тежок процес кој не може константно да биде мирен. Ќе има свои тензии. Но, од друга страна, ако ги споредиме работите во минатото и денес, тензиите навистина се зголемуваат, но многу побрзо е и решавањето на јазолот којшто ги креира тие тензии, ако го забележувате тоа. Факт е дека прашањето на Косово е помеѓу нас, но јас мислам дека Отворен Балкан е уште поважен, зашто директно ќе придонесе за создавање позитивна енергија и ќе го олесни процесот на соочување со главниот проблем, давајќи им можност на страните да комуницираат во една попозитивна атмосфера.“

Премиерот на Албанија уште еднаш потсети на примерот на Германија и Франција по Втората светска војна и нагласи дека Косово, кога би се приклучило на проектот Отворен Балкан, би имало „директни економски бенефити“, а „истовремено во процесот на дијалог може да продолжи да ги изнесува своите ставови за коишто нема расправа и да ја оствари својата цел“.

„Во историјата, барем колку што јас ја познавам, не постои пример за успешно решавање на конфликти без употреба на сите можни алатки“, вели Рама за ДВ. „Колку повеќе страните се приближуваат, колку повеќе се гледаат в лице, колку повеќе наоѓаат заеднички интереси, не во теорија, туку во пракса, колку повеќе успеваат да остварат контакти, толку повеќе се создаваат можности за главниот проблем да се третира на попозитивен начин. Не велам дека ова е лесно, но велам дека спротивното е невозможно. Не велам дека ова е магично решение, но велам дека нерешавањето и другите екстремни опции не водат апсолутно никаде“.

Истото, вели Рама, важи и за Босна и Херцеговина. „Босна секако би профитирала од Отворен Балкан, а луѓето би биле и поопуштени кога не би имале граници кои ја попречуваат слободата на движење, кои ги потсетуваат дека се разделени, дека се во тешка економска и социјална ситуација, како и на разни други работи. Истото важи и за Црна Гора. Мислам дека сите ќе дојдат во Отворен Балкан, бидејќи не постои друг пат“, вели премиерот на Албанија.

„Има некои кои не сакаат да разберат“

На прашањето каков однос има со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Еди Рама одговара: „Зборуваме за сѐ и зборуваме многу отворено, но се согласивме дека не се согласуваме за прашањето на Косово, за што јас го кажав своето мислење и овде, во Белград“.

„Верувам дека ние Албанците постигнавме многу со тоа што ја убедивме Србија да го прифати Отворен Балкан за шест земји“, вели Рама. „Она што е важно е дека Србија прифати да нема граница помеѓу Албанија и Косово. Тоа се обидуваа и го ветуваа сите, но никогаш не можеше да се реализира, бидејќи, кога и да бевме блиску, цел свет стануваше и велеше дека се прави Голема Албанија. Има некои коишто не сакаат да го разберат тоа, па велат: ‘Зарем ние од Србија ќе добиваме дозвола?’ Тука не се работи за добивање дозвола, туку за тоа да направиме нешто што не може да се направи ако Србија алармира и вели – тие прават Голема Албанија“, вели Рама.

„Србија не само што се откажа и не е пречка за тоа (да нема граница помеѓу Албанија и Косово), туку напротив, подготвена е да го прифати Косово на маса како рамноправно кога е во прашање Отворен Балкан. Воопшто не разбирам зошто треба да се отфрли оваа можност и зошто луѓето треба да страдаат, оние луѓе на кои тоа им е потребно пред сѐ поради нивната работа, поради нивниот бизнис и поради нивната слобода на движење. Јас тоа не го разбирам.“

Преземено од Дојче веле