Еден век радост на малите екрани, „Дизни“ слави голем јубилеј!

Дизни 100 години/ Фото Слободен печат

Мики Маус, Симба, Аладин, Пинокио, Дамбо, Бамби, Пепелашка, Петар Пан…Цртаните со кои израснавме и засекогаш ќе ги памтиме.

Кога на малите екрани во 1923 година прв пат се појави глувчето Мики Маус, ни самиот негов креатор, Волт Дизни, не очекувал тоа да биде почеток на најголемата компанија за производство на детски филмови во светот. Сега, „Дизни“ прославува 100 години постоење, а зад себе има илјадници филмови со кои израснаа милијарди луѓе ширум светот.

Приказните за Мики Маус и неговите пријатели, за брзо време се прошириле на телевизиските екрани, станувајќи омилен цртан филм на младите генерации.

Неколку години подоцна, „Дизни“ ги запознава луѓето со уште многу познати цртани карактери, кои ќе останат запамтени засекогаш. „Снежана и седумте џуџиња“, „Пинокио“, „Дамбо“, „Фантазија“, „Бамби“, „Пепелашка“, „Алиса во земјата на чудата“, „Робин Худ“, „Петар Пан“ се само некои од најпознатите цртани филмови кои се појавиле во првите години на оваа компанија.

Влијанието кое сѐ уште го имаат овие цртани филмови е огромно. Прославата на „Дизни“ ќе започне на 27 јануари, а од компанијата овие 100 години ги опишуваат како еден долг „ролеркоустер“.

Архива на СП

Богатството и популарноста на „Дизни“ не е само во цртаните филмови. Компанијата го доживеа најголемиот подем со отварањето на првиот „Дизниленд“ во Калифорнија во 1955 година.

Оттогаш, се отворени уште 5 други вакви забавни паркови (Флорида, Париз, Токио, Шангај, Хонг Конг), каде обожавателите можат целосно да навлезат во светот на нивните омилени цртани карактери.

Но, во изминативе години „Дизни“ забележа голем пад во популарноста и во профитот. Ковид-пандемијата силно го погоди бизнисот на компанијата, а сите „Дизниленди“ мораа да бидат затворени за посетителите. Откако лани повторно беа отворени, тие се мачат да ги вратат фановите назад, како што беше пред пандемијата.

Големата конкуренција која ја претставува „Нетфликс“ со нивниот голем број на содржини претставува уште една пречка за „Дизни“. Луѓето во последниве години повеќе се навикнаа на „Нетфликс“ да ги гледаат омилените серии и филмови, па затоа „Дизни“, според официјални бројки, доживеа благ пад во трката за најдобар извор на забава кај најмладите.

Многу критичари сметаат дека „Дизни“ остана назад во времето и дека тие мораат да се модернизираат доколку сакаат повторно да се вратат на успехот кој некогаш го уживаа.

Но, историјата која ја запиша „Дизни“ во последниве 100 години засекогаш ќе биде запамтена кај милионите млади генерации кои израснаа со Мики Маус, Аладин, Кралот Лав и останатите легендарни цртани.

Видео на денот