Еден спрема нула за кафеаната!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Колку мерките да изгледаат чудно, два дена по нивното објавување се случи чудо. Одеднаш пунктовите за вакцинација беа претесни да ги примат сите што побрзаа да се вакцинираат. Кафеана си е кафеана!

Како го викаат невакцинираниот другар во кафеана? Не го викаат. Ова е една од шегите што се појави по социјалните мрежи веднаш откако Владата ги објави новите мерки за заштита од коронавирус. Меѓу нив е и онаа што предизвика најмногу револт кај дел од јавноста – на терасите на угостителските објекти од 16 август ќе може да седат само вакцинираните, барем со една доза.

Значи, нема кафепиење без пусулче за вакцинација. Нема седенки, дружби со пријателите, прослави, свадби и слично. Кој не се вакцинирал ќе си седи дома во слободно време или, евентуално, ќе оди во продавница да си испазари. Затоа што во неа е дозволено. Невакцинираните смеат и во автобус да се возат и на работа да одат и да шетаат низ трговски центри. Ама на прослави, концерти, на спортски натпревари, на семинари, на работилници и слично (што се одржуваат на отворено, оти нема веќе вакви „дешавки“ во затворен простор), нема да може да присуствуваат.

Значи, за невакцинираните е дозволено само она што мора, а сето друго што е ќеф за душата не може. Односно, може кафе да се пие во отворениот дел на кафулињата и ресторанчињата каде што има помалку од 30 гости. Или кои немаат капацитет за повеќе од 30 гости, затоа што таму ќе нема редари да ги проверуваат присутните кој каков е. Вистинска збрка. Ќе видиме како сето тоа ќе функционира од понеделник.

Во секој случај, се крена голема врева во јавноста, особено меѓу што од разно-разни причини избраа да не се вакцинираат – право на личен избор, здравствени причини, недовербата во вакцините, убедувањето дека короната не постои, што и да е. Обвинија за дискриминација, за газење на човековите права, за поделба на народот. Министерот Венко Филипче се огради од обвинувањата, потсетувајќи дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет и дека мерките што се донесени, се исклучиво во таа насока, а не за да прават поделби.

„Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и на оние што не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата, туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните“, напиша Филипче.

Колку мерките и да изгледаат чудно, два дена по нивното објавување навистина се случи чудо. Одеднаш пунктовите за вакцинација беа претесни да ги примат сите што побрзаа да се вакцинираат. Значи, настрана сѐ, кафеана си е кафеана! Очигледно овој пат Владата ја погоди „Ахиловата пета“ на нашиот народ. Со часови се чекаше ред пред поликлиниките на жешкото сонце за да се добие првата доза пред 16 август, па поради големиот интерес од вчера беа отворени уште четири дополнителни пункта за имунизација, а ако треба, како што најави министерот, ќе се отвораат уште.

Ситуацијата е крајно сериозна. Бројот на заразени зема замав секојдневно. Нов бран и ново потсетување дека ѓаволот ја однел шегата. Вакцинацијата навистина е право на личен избор, но таа е и единствената надеж дека ќе се стави крај на пустошењето на вирусот, кој зад себе досега однесе речиси четири милиони човечки животи во светот.

Дали најновите мерки што ги донесе Владата се невообичаени, задоцнети, дали ги кршат човековите права и ги делат граѓаните – тоа е тема за која уште долго ќе се дискутира во вечно поделената јавност.

Но, што е со граѓаните што веќе прележале ковид? Нив никој не ги спомнува. По тешката битка која ја избориле со вирусот и тие ли не ќе смеат да пијат кафе на отворено?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот