Еден повик менува сè

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Во услови на големи бројки на заболени и починати од ковид-19, многу луѓе навистина ќе ги послушаат повиците за бојкот и нема да ги пуштаат попишувачите. А нецелосен попис е апсолутно безвреден, добиените податоци може да се фрлат во ѓубре, а парите се потрошени залудно.

Интересно е како во Македонија ниту една работа не оди додека одеднаш не тргне. А тргнува по правило во последен момент, како во некој холивудски филм од Б-продукција. Таман кога некоја „пеколна машина“ одбројува наназад, некој ќе ја пресече црвената или сината жичка во последен момент, секогаш вистинската.

Еве и сега сме сведоци на едно такво „деминирање“ на нашата политичка „пеколна машина“. По неколкумесечно блокирање на Собранието, со бојкот на седници и со ступидното право на „филибастеринг“, одеднаш, како со некоја магија, партиите душмани седнаа и за пет минути успеаја да се договорат за носење неколку важни закони, од кои зависи справувањето со економската криза предизвикана од ковид-пандемијата. Да се чудиш од каде толку свест за сериозноста на моментот!?

Легендата вели дека тајната е во тој или тие што ја сечат црвената или сината жичка, а некогаш и двете одеднаш. Се тврди дека ова магично „опаметување“ има врска со еден телефонски повик од „преку барата“, имено, тој од американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер. Ако е така, не треба да нѐ изненади и вчерашната средба Заев-Мицкоски (во моментот на пишувањето на овие редови потврдена, но не и одржана). На неа треба да паднат уште неколку важни договори, кои во согласност со македонската (не)демократска традиција, потоа ќе бидат лесно „процесирани“ од лидерско на партиско, па на собраниско ниво. Меѓу другото, и за пописот. Ако резултатот на овие средби не им е издиктиран на двајцата лидери, ние би сакале да дадеме свој придонес токму во оваа дебата.

Имено, пописот итно треба да се одложи на неодредено време. Прво, пандемијата со вирусот навистина е во можеби најопасната фаза од својот почеток. Освен што бројката на заразени и на починати урива дневни рекорди, проблемот е уште поголем што здравствениот систем е преоптоварен, медицинарите се исцрпени од долготрајната епидемија, што ја прави уште посмртоносна. Во такви услови многу е логично и прифатливо пописот да се одложи. Не затоа што самата постапка на попишување ќе го зголеми бројот на заразени. Со протоколите за попишувачите многу се мали шансите самите тие да придонесат за создавање попис-кластер, и покрај таквата параноја што ја шири опозицијата. Опасноста е во тоа дека во услови на големи бројки, многу луѓе навистина ќе ги послушаат повиците за бојкот и нема да ги пуштаат попишувачите. А нецелосен попис е апсолутно безвреден, добиените податоци може да се фрлат во ѓубре, а парите ќе бидат (уште еднаш) залудно потрошени. Затоа, одложувањето може да го спаси пописот. Дополнителен „удар“ врз бојкотот може да биде планот попишувачите итно да се вакцинираат. Со тоа целосно се анулира здравствениот аргумент на повикувачите на бојкот.

Освен тоа, треба да се прифатат и други технички барања, доколку има услови за тоа, со кои ќе се отстранат сомнежите за „политичкиот“ карактер на пописот. Особено откако со своето однесување некои политичари и функционери Албанци му дадоа крилја на ваквото размислување. Јасно се виде дека тие на оваа статистичка операција гледаат како на попис во некое трговско претпријатие, и притоа се подготвени на разни сметководствени финти. Ете, Груби дури агитира да се попишат и иселениците од Македонија (мисли на Албанци) кои немаат македонско државјанство или пасош, „дури и само со извод од матично, венчаница или што било“. На ваквите подметнувања мора да им се „пушти инспекција“ – пописот мора да биде чист и исправен, инаку, подобро е да го нема.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот