Еден поинаков Божиќ

Со честитката, „Христос се роди – навистина се роди“, со пораките за мир, благосостојба, среќа и многу здравје и љубов,  го поминавме и овој Божиќ онака како што доликува, со топли насмевки од најмилите и богата празнична трпеза.

Иако главната прослава за едниот од најголемите празници во христијанството е веќе завршена, според календарот на МПЦ, рождеството Христово се одбележува и денеска и утре. Во духот на традицијата и старата добра поговорка – пред Бадник и за Бадник кај и да си дома да си, така и оваа година православните верници во кругот на најблиските го прославија големиот празник.

Со честитката, „Христос се роди – навистина се роди“, со пораките за мир, благосостојба, среќа и многу здравје и љубов,  го поминавме и овој Божиќ онака како што доликува, со топли насмевки од најмилите и богата празнична трпеза.

Но, за жал, и оваа година имаше такви кои Божиќ не го одбележаа во традиционалниот дух. И оваа година имаше луѓе кои празникот го поминаа сами и со празна трпеза.

Во државава постојат многу организации кои се грижат за тоа бездомниците да не ги поминат празниците сами. Меѓутоа, проблемот останува со луѓето кои се социјални случаи, кои се водат како „способни“ да се грижат за себе бидејќи имаат кров над глава, а всушност се лица кои немаат никој покрај себе, страдаат препуштени сами на својата болка бидејќи не сакаат никому да згрешат, па се  срамат дури и да побараат помош.

Вакви приказни верувам има многу, но мене ме боли онаа за Злате Филипов, човекот кој и оваа година Бадник и Божиќ ги помина сам, заборавен од сите.

Злате има тромбоза на нозете, едвај се движи, страда и од ментално пореметување, а живее сам, бидејќи сите членови од неговото семејство се одамна починати.

И покрај бројните апели за помош до социјалните служби во Штип, каде Злате живее, сепак, мрачната собичка, стариот шпорет и расипаниот телевизор се неговите најголеми „пријатели“.

Благодарение на неговите соседи и подалечни роднини, Злате сега доби храна и облека, но не доби внимание – празниците ги мина сам, немајќи со кој да го сподели бадниковото лебче, ниту пак божиќниот ручек.

Како што вели и самиот, пари не му се потребни, бидејќи пензија си зема, но потребен му е човек кој ќе се грижи за него, а институциите одбиваат и да го сместат во дом, каде не би бил сам, бидејќи наводно земал „преголема пензија“.

Приказната за Злате боли, но ова е само една од многуте приказни за луѓе кои овој Божиќ го прославија на еден друг, сосема поинаков, суров начин, каков што никој не заслужува.

„Темната“ страна на Божиќ преку Злате ни прикажува една тажна слика, мачна судбина со која доаѓаме до самата суштина на прославата на празниците, а тоа е дека материјалното секогаш ќе ни недостига, но најблиските се оние кои ни го прават секој празник поубав.

Злате си доби подароци во храна и облека, соседите повторно беа дарежливи и го даруваа, но неговата трпеза и овој Божиќ остана посна, бидејќи немаше со кој да ја сподели.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот