Еден од најдобрите стрелци во Бундеслигата под уцена играл со лажно име!
Фудбалерот на Штутгарт од Конго и воедно соиграч на македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, настапувал под лажно име во германската Бундеслига. Но, не затоа што играчот ги лажирал своите податоци, туку затоа што бил уценуван од менаџерот.
Вкупно 11 голови во најсилното германско првенство минатата сезона постигна овој фудбалер под името Силас Вамангитука Фунду. Подобри стрелци од него беа само Ларс Стиндл, Саша Калајџиќ, Вут Вегхорст, Андреј Крамариќ, Ерлинг Халанд, Андре Силва и Роберт Левандовски.
Штутгарт сега објави на својата веб-страница дека вистинското име на играчот е Силас Катомпа Мвумпа, дека е роден на 6 октомври 1998 година во Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго.
– Што се однесува до промената на името, тој пред сè е жртва – информираат од клубот.
Имено, играчот кој игра во Европа од 2018 година бил жртва на криминален менаџер, кој не му дал пристап до заработените пари и документи.
Тој менаџер го променил неговиот идентитет и датумот на раѓање.
– Покрај тоа, тој живееше во куќа под постојан надзор на менаџерот, кој не му плаќаше плата, туку само дел. Неговиот менаџер исто така се закани дека Силас никогаш повеќе нема да игра фудбал доколку излезе во јавноста со оваа приказна – објаснува клубот.
Самиот уценуван играч тврди дека последните години живееше во постојан страв и за своето семејство во Конго.
– Ова беше тежок чекор за мене да ја објавам оваа приказна – вели Силас кој ја има поддршката од неговиот клуб и каде што има валидна регистрација.