Еден месец ништо не се случува: Каде заглави решението за уривање на доградбата на бутикот на улица Македонија?

фото: Слободен печат

Бутикот „Шејн“ отворен пред два месеци во локалот каде порано се наоѓаше кафулето „Рома“ на улица Македонија, и распослан со закачалките и облеката онаму каде порано беа поставени масички и столчиња на летната тераса, и покрај решението за уривање од Општина Центар, си работи непречено и од него не фали ниту „стакленце“.

Од Центар уште пред речиси еден месец се пофалија дека нивниот градежен инспектор донел решение со кое му наредува на инвеститорот да ја отстрани доградбата на бутикот и да го врати локалот во првобитна состојба.

 Постапувајќи по службена должност, инспекторот изврши увид, состави записник, по кој сопственикот беше повикан во Општина Центар да ја достави потребната документација на увид. Откако сопственикот не се појави во општината, овластениот градежен инспектор донесе решение за отстранување на градбата. Доколку сопственикот на објектот не ја отстрани доградбата на локалот во законски зададениот рок, истата ќе биде административно извршена и отстранета – соопштија тогаш од Центар.

Но, оттогаш до денеска ниту сопственикот ја трга сам дивоградбата, ниту има некаква реакција од Општината. На прашањето од „Слободен печат“ до кога трае рокот во кој сопственикот треба сам да ја урне доградбата и зошто сѐ уште не се постапува, од Општината велат дека законскиот рок е три дена.

Решението издадено од страна на овластен градежен инспектор станува извршно со достава на Заклучок за дозвола за извршување. По приемот на Заклучокот од страна на инвеститорот, истиот има рок од три дена да го отстрани самиот. Доколку не го стори тоа, општината започнува постапка за административно извршување, која вклучува постапка за јавна набавка, барање за асистенција до МВР и издавање налог на ангажираната фирмата за почеток на административно извршување – објаснуваат од Општината.

Со оглед дека бутикот и натаму си стои на истото место, повеќе од јасно е дека решение сѐ уште не е доставено до сопственикот, а не се знае ни кога тоа ќе биде. Тоа неофицијално ни го потврдуваат и во општината. Со други зборови, доколку решението никогаш не се достави до сопственикот, и покрај тоа што е донесено, никогаш нема да биде извршено.

Како што е познато, во општините има многу малку инспектори, а многу пријави за дивоградби, нелегални доградби и слични незаконски постапувања во оваа сфера. Токму заради тоа што ги има малку, бавно одат и постапувањата по пријавите. Но, како што се покажува во случајов со бутикот „Шејн“, дури и кога ќе се излезе на терен и ќе се изготви решение, неговото извршување запира доколку не се испорача до сопствениците, односно инвеститорите.

Поради тоа, низ Скопје има дивоградби на секој чекор, па оттука несериозно звучат апелите од локалните власти до инвеститорите и сопственици на нелегални објекти и доградби, да постапуваат по издадените решенија за отстранување на објектите, затоа што во спротивно, општината присилно ќе ги отстрани, а трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на нелегално поставените објекти.

Видео на денот