Еден македонски и двајца српски државјани уапсени во Србија за кражба на документација за производство на муниција

Државјанин на Северна Македонија, поранешен инженер во фабриката за муниција „Први Партизан” и двајца работници, државјани на Србија, уапсени се денеска под сомнение за злоупотреба и примање мито.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, тие се сомничат дека продавале документи од фабриката „Први партизан” од Ужице, кои се однесуваат на производство на оружје и муниција.

Според српското Обвинителство, апсењето по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, го извршиле Безбедносно информативната агенција (БИА), Воено-безбедносната агенција (ВБА) и МВР на Србија.

Уапсени се С.Д., државјанин на Северна Македонија, сопственик на фирмата „Арс група” од Скопје, поранешниот инженер во Први партизан Б.Г. од Ужице, Н.И. од Пожега-конструктор во погонот за алати и машини во „Први партизан” и М.М, соопшти Вишото јавно обвинителство.

На осомничените одредена им е мерка притвор 48 часа, поднесена им е кривична пријава и поради сослушувањето ќе бидат изведени пред надлежен обвинител.

Тие се товарат за злоупотреба на службена должност и примање мито, односно дека при извршување на кривичното дело продавале проекти и друга документација која и припаѓаа на „Први партизан” од Ужице, а се однесува на производство на оружје и муниција.

Весникот „Вечерни новости” без да го наведува изворот, под насловот „Голема акција на БИА во српската фабрика за оружје-Уапсен е албански шпион”, наведува дека Б.Г. и Албанецот Ш.Д. се уапсени поради кражба на документација за производство на муниција од калибарот 12,7 мм.

Фабриката „Први Партизан” од Ужице е една од најстарите и најголеми фабрики за муниција и покрај производството на 400-ина типови на муниција за карабини, пиштоли и револвери, произведува и артилериска муниција, машини за производство на муниција, алати за производство на муниција…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот